Анкета: Грците сметаат дека Грција има корист од ЕУ, но блокот се движи во погрешна насока
Мнозинството Грци сметаат дека членството во Европската унија е во корист за нивната земја, но велат оти денес европскиот блок се движи во погрешна насока, се наведува во истражувањето на јавното мислење објавено пред изборите за Европскиот парламент в недела.
Според анкетата, нарачана од Фондацијата Конрад Аденауер, 64,1 отсто од испитаниците изјавиле дека Грција, од членство во ЕУ, сигурно или веројатно има корист, додека 33,4 проценти се изјасниле дека приклучувањето кон европскиот блок сигурно или веројатно не и користи на нивната земја.
Од друга страна, дури 60 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ сигурно или веројатно се движи во погрешна насока, додека повеќе од 33,4 проценти се оптимисти во поглед на проектот европско обединување.
Ова истражување, исто така, покажа релативно ниско ниво на доверба во Европската унија.
Само 28,8 отсто од Грците изјавиле дека веруваат во блокот, додека довербата во Европскиот парламент и Европската централна банка, според податоците на анкетата, е само 25,5 односно 20 проценти.
Испитаниците покажале дека имаат повеќе доверба во Европската централна банка во однос на Меѓународниот монетарен фонд.
На прашањето за заедничката валута евро, 35,7 отсто рекле дека се лојални на еврото, додека 43,7 отсто проценуваат дека се чувствуваат заробени во единствена европска валута.
Малку повеќе од 10 проценти сметаат дека Грција треба да ја отфрли европската валута.
Истражувањето е спроведено помеѓу 10 и 15 мај на примерок од 1.001 испитаник.