Анкета: Автократиите ги надминаа демократиите со јавната доверба

Довербата на јавноста во владите кои управуваат со светските демократии падна на ново ниско ниво поради начинот за нивно справување со пандемијата и широко распространето чувство на економски песимизам, покажа глобално истражување.
Edelman Trust Barometer, кој две децении анкетира илјадници луѓе за довербата во нивните влади, медиуми, бизниси и невладини организации, овојпат покажа подобри оценки во неколку автократски држави, особено во Кина.
„Навистина има колапс во довербата во демократиите“, рече Ричард Еделман, чија комуникациска група „Еделман“ го објави истражувањето на над 36.000 испитаници во 28 земји интервјуирани помеѓу во ноември минатата година.
„Сето тоа се сведува на чувството на економска доверба“, додаде тој, посочувајќи за високи нивоа на загриженост за губење на работни места поврзани или со пандемијата или со автоматизацијата. Најголеми губитници на довербата на јавноста во текот на минатата година беа институциите во Германија со пад од 7 поени (46 отсто доверба), во Австралија ( 53 отсто доверба и пад од шест отсто), Холандија (57 отсто и пад од 6 отсто), Јужна Кореја (42 отсто) и САД (43 отсто) со пад од 7 отсто.
Спротивно на тоа, довербата на јавноста во институциите во Кина изнесуваше 83 отсто и е повисока за 11 поени, 76 отсто во Обединетите Арапски Емирати (+9) и 66 отсто во Тајланд (+5).
Трилиони долари стимул што беа потрошени од најбогатите нации во светот за поддршка на нивните економии за време на пандемијата не успеаја да всадат трајно чувство на доверба, сугерира истражувањето. Во Јапонија, само 15% од луѓето веруваат дека тие и нивните семејства ќе жиивеат подобро за пет години, при што повеќето други демократии се движат околу 20-40% за истото прашање. Но, во Кина речиси две третини беа оптимисти за нивната економска состојба, а 80% од Индијците веруваа дека ќе им биде подобро за пет години. За разлика од Кина, Индија е демократска држава.
Еделман рече дека повисоките нивоа на јавна доверба во Кина се поврзани не само со економските перцепции, туку и со поголемото чувство на предвидливост на кинеската политика, не само за пандемијата.
„Мислам дека постои кохерентност помеѓу она што е направено и она што е кажано… Тие имаа подобро справување со ковид од САД на пример“.Според следењето на пандемијата на Ројтерс, Соединетите држави во моментов водат во светот по дневен просечен број на пријавени нови смртни случаи, додека Кина со месеци не пријавува нови смртни случаи бидејќи спроведува строги политики „нулта-ковид“.
Резултатите од последното истражување на Еделман се во склад со неговите наоди во последниве години, кои покажаа зголемено разочарување од капитализмот, политичкото лидерство и медиумите. Загриженоста за „лажните вести“ овој пат беше на највисоко ниво на сите времиња, при што три четвртини од испитаниците на глобално ниво се загрижени дека тие „се користат како оружје“. Меѓу општествените стравови, климатските промени се веднаш зад губењето на вработеноста како главна грижа. Околу две петтини, исто така, рекоа дека бизнисот не прави доволно за да се справи со климатските промени, економската нееднаквост и преквалификацијата на работната сила.