Анкара се закани со „силен одговор“ на распуштањето на турската група „Сиви волци“ во Франција


По одлуката на француската Влада за распуштање на ултранационалистичката група „Сиви волци“, Турција предупреди дека „цврсто ќе одговори“ на распуштањето, нарекувајќи ја одлуката „провокација“.

„Сметаме дека е потребно да се заштити слободата на изразување и собирање на Турците во Франција (…) и дека ќе одговориме на најсилен начин на оваа одлука“, објави турското Министерство за надворешни работи во соопштението за печатот.

Односите на Париз и Анкара се многу влошени во последните неколку месеци, поради повеќе отворени кризни прашања: Либија, испитувањата за природен гас во Источниот дел од Медитеранот, судирот во Нагорни Карабах, карикатурите со Мухамед, што ја наведе Франција на кратко да го повлече својот амбасадор од Турција по навредите од турскиот претседател Ердоган на сметка на францускиот претседател Макрон.