Анима Мунди до Рамиз Мерко: Македонија не е племенски сојуз туку држава


Организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“ реагира на повикот на струшниот градоначалник Рамиз Мерко да се убиваат бездомните кучиња место да се трошат пари на нив, порачувајќи дека е срамота прв човек на туристичка општина да заговара ваква практика и повикувајќи го обвинителството да постапи по неговите тврдења – дека видел сограѓанин со полн камион убиени кучиња.

-Само два месеци по масовното убиство на кучиња од Струга, кога вооружани лица среде бел ден стрелале во жива мета по улиците фрапантно кршејќи закон, сведочиме на јавно охрабрување за убивање на кучињата. И тоа не од некој обичен граѓанин туку од првиот човек на Струга, кој очигледно залутал во дејност чија одговорност не ја разбира.

Рамиз Мерко, Македонија не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга.

Ова е говор на омраза кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет! Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристистичка дестинација во нашата држава. Од една страна Струга со сите свои убавини, од друга градоначалник кај кого изгледа дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими а насилството, безредието, убивањето животни посакувана норма. Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано.

Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, па бараме институциите, обвинителелството веднаш да постапат по овој случај на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит.

Воедно легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние кои во јануари стрелаа бездомни кучиња по градот, загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој не одговараше до ден денес. Одговорност мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана во нашава држава, стои во реакцијата на Анима Мунди по скандалозното обраќање на градоначалникот на Струга кое, ако го слушнат граѓаните во ЕУ, ќе се згрозат.