Ангов: Владата го стави на дневен ред полнењето на Дојранско Езеро од Хидросистемот „Ѓавато“


Фото: Б. Грданоски

 Официјално од Општина Дојран преку системот е-Влада испратена е информација до Владата со која се бара итно постапување за санација и пуштање на хидросистемот и истата е ставена на дневен ред на седница на Влада, соопшти денеска на својот фејсбук профил градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Тој преку објавата ги поканува граѓаните на најголемата еколошка акција за чистење на крајбрежието на Дојранското Езеро, која треба да се одржи задутре.

-Да ја покажеме грижата за Дојранското Езеро, а со ова исто така да испратиме силна порака до надлежното Министерство за животна средина дека Хидросистемот „Ѓавато“ мора да биде пуштен. Се надеваме на позитивен исход и разбирање. Затоа сите заедно сплотени без било какви поделби да го покажеме единството и да испратиме силна порака за нашиот бисер, Дојранското Езеро, напиша Ангов.

Инаку, градоначалникот на Дојран одговорноста за нефункционирањето на Хидросистемот за полнење на Дојранското Езеро ја лоцираше во Министерството за животна средина и во повеќе наврати испрати барања во кои се наведува итноста за пуштање во употреба на Хидросистемот „Ѓавато“.

Според денешните мерења на УХМР нивото на водата во Дојранското Езеро е 80 сантиметри под договорениот минимум.