Ангеловски ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација на ЕП


Игор Ангеловски останува на селекторското место и ќе ја предводи македонската репрезентација на Европското првенство во јуни оваа година, соопшти попладнево Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ)

– Раководството на ФФМ и селекторот Игор Ангеловски ги усогласија ставовите околу новиот договор и досегашниот предводник ќе биде на селекторското место на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, се наведува во соопштението.

Ангеловски, кој седи на селекторското столче од 2015, изрази благодарност до ФФМ за довербата, најавувајќи нови успеси со националниот тим.

Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сè она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава, изјави селекторот Ангеловски.

Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини истакна дека двете страни лесно се договориле за продолжување на соработката.

Селекторот со својот стручен штаб во одлична атмосфера сега треба да се подготвуваат за квалификациите за Светското првенство и Европскиот шампионат. Сите ние посакуваме да нè поведат кон нови успеси. Верувам дека Македонија ќе го покаже вистинското лице и праќам апел до целата нација и сите навивачи да бидеме сложни и да покажеме единство. Пласманот на Европското првенство е сон за секое дете, а фудбалерите сега имаат исклучителен мотив за нови победи. Сега треба да помогнеме сите, на кој било начин, а потоа ќе зборуваме за нашиот пласман на ЕУРО 2020 и колку тоа значи за иднината на македонскиот фудбал, изјави Сејдини.