Ангеловска: Еврообврзницата ја издадовме во вистинско време
Еврообврзницата ја издадовме во вистинско време, што се огледа од побарувачката која беше пет пати поголема од понудата, што е највисока во регионот од Југоисточна Европа од почетокот на кризата, рече денес министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа додаде дека цената за еврообврзницата која изнесува 3,675 отсто е втора најниска камата од сите 7 еврообврзници кои се издадени од земјава.
„Треба да се има на ум и дека оваа евробврзница е издадена во време на криза, што значи дека доколку беше издадена во нормални услови каматата ќе беше значително помала“, рече Ангеловска.
Таа објассни дека финансирањето на дефицитот, како и на старите долгови кои доспеваат за враќање во износ од 685 милиони евра, ќе се покриваат со издадената еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со заемот од ММФ во износ од 176 милиони евра, заемот од ЕУ од 160 милиони евра, заеми од Светска банка во износ од 140 милиони евра (од кои 57 милиони евра се предвидени да се влечат во 2020 година), како и повлекувања од други кредити за реализација на капитални проекти. Исто така, предвидено е нето повлекување преку државни хартии од вредност од 250 милиони евра.
„Ова е најоптималното портфолио, најдобра комбинација согласно трошок и рочност, односно услови за понатамошно сервисирање на долгот“, рече Ангеловска.