Ангеловска-Бежоска ја промовира иницијативата за подобар пристап до финансии за жените претприемачи


Живееме во време на значителни предизвици на економски план и мора да вложиме напори за целосно користење на човечкиот капитал и поголема поддршка на бизнисите предводени од жени. Еден важен аспект е пристапот до финансии на жените претприемачи. Во овој контекст, Народната банка потпиша Меморандум за соработка со ЕБОР за примената на Кодексот за финансирање жени претприемачи, што претставува светска рамка за поттикнување посветеност, лидерство и иновации со цел да се намали родовиот јаз во финансирањето, информираат од Банката.

Во рамките на активностите предвидени со Меморандумот, Народната банка за првпат во нашата земја направила анализа за пристапот до финансии на микро, малите и средните претпријатија во сопственост на жени (ММСП).

-На крајот на првиот квартал од 2025 година, според првичните податоци, на ММСП во сопственост на жени им се одобрени 13,8% од вкупниот број банкарски кредити одобрени на ММСП со само 7,5% од вкупната вредност на кредитите одобрени на оваа група компании. Податоците покажуваат дека жените претприемачи се висококвалитетни клиенти со многу ниска стапка на нефункционални кредити од 1,54%, во споредба со 2,76% од ММСП во сопственост на мажи. Релативно нискиот удел на жените претприемачи во заемите бара подлабока анализа на причините, како и ефективни решенија за посилна финансиска поддршка на жените претприемачи или за започнување или за одржување на нивниот бизнис, истакнала Ангеловска-Бежоска.

Притоа, гувернерката ги повикала финансиските институции да се приклучат кон поддршката на Кодексот за финансирање на жените претприемачи и за негова поширока примена при осмислување на политиките и производите за микро, малите и средните претпријатија предводени од жени.

-Ги охрабрувам сите банки и штедилници, како и другите релевантни субјекти да се приклучат кон Кодексот и да станат дел од Националната коалиција за спроведување на Кодексот, од што ќе произлезат голем број активности и креативни идеи за надминување на препреките за женското претприемаштво. Им честитам на првите четири банки коишто веќе ја препознаа вредноста на проектот и се приклучија кон Кодексот, порачала Ангеловска-Бежоска, при што истакна дека само со заемна поддршка може да се подобри родовата финансиска вклученост и женското претприемаштво што е основа за посилен, одржлив и инклузивен раст.

Кодексот за осмислување политики за поддршка за жените претприемачи е спроведен или е во фаза на спроведување во 30 земји, меѓу кои и нашата, со поддршка и од ЕБОР, а целта е со заеднички активности да се зголеми финансирањето на женското претприемаштво.

-Во ЕБОР, веруваме дека инклузивните економии се отпорни економии. Жените претприемачи се моќен двигател на иновациите и растот, но често се соочуваат со препреки поради кои имаат нееднаков пристап до финансиите. Преку нашата поддршка на Кодексот за финансирање на жените претприемачи, горди сме што соработуваме со Народната банка придонесувајќи за системски промени и за еднаков пристап до финансиите. Податоците јасно покажуваат дека бизнисите предводени од жени се силни и сигурни клиенти − сега е време да се спои тој потенцијал со реалните можности. Ги покануваме сите финансиски институции да се приклучат кон оваа иницијатива и да помогнат во намалувањето на родовиот јаз во финансирањето, рекол Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија.