Ангеловска-Бежоска избрана за претставник на шест земји од регионов во Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, неодамна е избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија (ЕУ).

Во рамките на Виенската инцијатива 2, таа има активна улога во застапувањето на интересите на регионот пред претставниците на меѓународните финансиски институции и глобалните и регионалните банки присутни во овој дел од Европа.

Денеска и утре, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе учествува на два важни настани организирани од Иницијативата. Најпрво, таа ќе земе учество на конференцијата по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива, при што ќе биде и излагач на панел-дискусијата посветена на предизвиците за прекуграничното банкарство. Потем ќе учествува и на традиционалниот форум на Иницијативата, во чии рамки ќе говори и за развојот на банкарскиот сектор на Западен Балкан, во контекст на економските состојби во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ).

Виенската иницијатива 2 се гради врз успехот на Виенската иницијатива 1, којашто беше формирана по настанувањето на глобалната финансиска и економска криза од 2008 година. Таа претставува платформа за приватниот и јавниот сектор, којашто ги обединува клучните меѓународни финансиски институции, Европската комисија и релевантните институции на ЕУ, глобалните и регионалните банки присутни со свои подружници и филијали во ЦИЈЕ, како и регулаторните власти на повеќе земји од Европа, вклучително и земјите коишто не се членки на ЕУ. Преку координирани мерки и активности и ефикасна соработка на овие институции, целта на Виенската иницијатива 2 е да ја одржува и да ја зајакнува финансиската стабилност и да обезбеди заштита од системски банкарски кризи во овој дел од Европа.
Изборот на гувернерката Ангеловска-Бежоска за член на Надзорниот одбор на Иницијативата е уште една потврда на кредибилитетот којшто го има нашата централна банка во меѓународните стручни кругови.

Ангеловска-Бежоска ќе го искористи своето учество на конференцијата и на форумот на Виенската иницијатива 2 и за поголем број одделни средби со високи претставници на неколку централни банки од Европа и на меѓународните финансиски институции, како и со претставници на Европската комисија.