Ангелова: Југоисточна Европа мора да ги зајакне истражувачките и иновациски инфраструктури за поголема интеграција во Европа


Фото: Б. Грданоски

На 1 октомври 2024 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) ќе биде домаќин на конференцијата организирана од еминентната Science|Business, посветена на засилено интегрирање на истражувачката инфраструктура од регионот на Западен Балкан кон Европскиот истражувачки простор и можностите за истражувачите, иноваторите и бизнис заедницата.

Конференцијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан, ќе обедини еминентни европски и регионални експерти од областа на креирање политики за интеграција на истражувачките инфраструктури и градење синергија помеѓу иновациите и бизнис заедницата, со цел да истакне како Југоисточна Европа може да ги зајакне своите истражувачки и иновациски капацитети и да ги интегрира во пошироката Европска мрежа. Темите ќе вклучуваат одржување, изградба и поврзување на истражувачките инфраструктури во Европа, со фокус на создавање унифицирана и кохезивна истражувачка средина.

„Горди сме што УКИМ е домаќин на оваа значајна конференција која има за цел да ја зајакне соработката меѓу истражувачките институции од Југоисточна Европа и ЕУ. Нашата улога во создавањето на плодна средина за истражувачки и иновациски проекти е клучна за идниот развој на регионот. Како институција, целиме да обезбедиме средина во која нашите млади истражувачи ќе работат тука, дома и ќе имаат услови за научни постигнувања. “ – изјави ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, која ќе го отвори настанот.

Панел-дискусиите ќе се фокусираат на подобрување на истражувачките политики и практики во регионот, поттикнување на стратешки партнерства меѓу националните и европските истражувачки инфраструктури и стратегии за справување со предизвикот од „одлив на мозоци“, преку привлекување и задржување на млади таленти во Југоисточна Европа.

Настанот е отворен за сите заинтересирани страни од полето на науката и иновациите. За регистрација и повеќе информации, посетете го следниот линк: https://sciencebusiness.net/events

Платформата Science|Business е креирана за да ги обедини трите области кои треба тесно да соработуваат: индустријата, истражувањето и политиката. Science|Business мрежата на универзитети, компании и истражувачки и политички организации претставува уникатно моќен форум за унапредување на иновациите.

Покрај организаторот Science|Business и домаќинот УКИМ, партнери на конференцијата се EIT Community на Европскиот институт за иновации и технологии, Платформата на земјите од Западен Балкан за истражување, технологии и иновации WBC-RTI преку Policy Answers и ELI ERIC Европскиот конзорциум на истражувачка инфраструктура за ласерски технологии за Пан-Европска интеграција на истражувачите и индустријата. 

Поддржувачи на конференцијата се Директоратот за истражувања и иновации на Европската комисија и ERA Европскиот истражувачки простор, UNICA Мрежата на универзитети од главни градови во Европа, COST Асоцијацијата за наука и технологија на Европската комисија и RCC Регионалниот совет за соработка на Западен Балкан.