Ангелов: Скандирањето „УЧК“ ја разгорува меѓуетничката омраза
Претседателот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов го осуди вчерашното скандирање на протестот за случајот „Монструм“.
„Скандирањето “УЧК, УЧК…” за време на било кој протест или друг јавен настан, без разлика колкава е бројноста на групата која скандира, ја разгорува меѓуетничката омраза и не оди во прилог на процесот на помирување за кој толку многу зборуваме и се залагаме, поради што треба да биде цел на силна општествена осуда од сите значајни општествени фактори“, објави Ангелов.
Според него, „уште повеќе иритира фактот дека вакво скандирање се случи на протест за случајот “Монструм” во кој се води судска постапка за сурово убиство на 5 недолжни лица“.
Учесниците на протестот побарааа меѓународната заедница да интервенира за да се обезбеди правда за случајот со петкратното убиство на Смилковското езеро, за кое што тврдат дека се гонат невини луѓе. Протестот го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.
Откако заврши протестот состојбата ескалираше. Дел од демонстрантите не ги послушаа организаторите за мирен протест и почнаа да фрлаат шок бомби. Состојбата се обиде да ја смири Зејд Реџепи, пратеник на Алтернатива. Тој заедно со уште неколкумина пратеници од коалицијата АА-ААА беа дел од протестот.