Андрес Ритер е наследникот на Лаура Ковеши на чело на Европското јавно обвинителство


Брисел – Советот на Европската Унија денеска се согласи со назначувањето на Андрес Ритер за нов главен европски обвинител во Европското јавно обвинителство (EPPO), а тој ќе ја преземе функцијата на 1 ноември 2026 година, беше објавено на веб-страницата на Советот.

Андрес Ритер се приклучи на германското обвинителство во 1995 година, а од 2020 година е заменик-главен европски обвинител.

Во соопштението се потсетува дека EPPO е независно тело на ЕУ одговорно за истрага, гонење и изрекување казни за кривични дела против финансиските интереси на Унијата, како што се измама, корупција, прекугранична измама со ДДВ што надминува 10 милиони евра.

Главниот европски обвинител го води EPPO, ја организира неговата работа и ја претставува Канцеларијата во контактите со институциите на ЕУ, земјите-членки и трети земји. Се назначува за необновлив мандат од седум години.

Мандатот на сегашната главна обвинителка Лаура Ковеши истекува на 30 октомври 2026 година.

Главниот европски обвинител се назначува со заеднички договор на Советот и Европскиот парламент, а назначувањето сега мора да биде потврдено од Европскиот парламент, се додава во соопштението