Андреа со „Circles“ ќе не претставува на Евросонг во Торино (видео)

Песната на Андреа и на Виктор Апостоловски „Superman“ ( кој освои најмногу бодови од публиката која гласаше онлајн седум дена) беа со изедначени бодови, но пресудни беа поените од меѓународното жири


Андреа со песната Circles ќе патува во Торино, Италија и ќе ја претставува Северна Македонија на Евровизија 2022.

Изборот се емитуваше во петокот вечер во живо на Македонската Телевизија во специјално издание на Стисни Плеј. За време на емисијата, детално беа прегледани гласовите на стручното интернационално жири во состав Гордон Бонело – Малта, Тали Ешколи – Израел, Натја Мшвенираѕе – Грузија, Феликс Бергсон – Исланд и Давид Церуњан – Ерменија, како што беа детално прегледани и гласовите на онлајн платформата кадешто гласаше македонската јавност.

Според гласовите на жирито првопласирана беше Андреа со Circles, која освои 10 бодови потоа претворени во 12 евровизиски поени. Од публиката Андреа освои 4.300 гласови кои потоа беа претворени во 8 евровизиски поени. Со ова таа освои вкупно 20 евровизиски поени на националниот избор.

Од друга страна, според гласовите на онлајн платформата првопласиран беше Виктор Апостоловски со Superman, кој освои 12.621 гласови претворени во 12 евровизиски поени. Од стручното жири Виктор доби 16 бодови кои беа еднакви на 8 евровизиски поени, со што дојде до изедначување на резултатот помеѓу Андреа и Виктор.

Со оглед на Правилникот за избор на национален претставник и композиција, во случај на изедначување на гласовите предност има мислењето на интернационалното стручно жири, што за Андреа значеше победа.

„Премногу сум возбудена и среќа, не знаете колку сериозно ќе го сфатам ова и нема да ве разочарам“ – изјави Андреа непосредно по прогласувањето.

Песната Circles e дело на Александар Масевски, за продукциско усовршување за истата е предвиден дополнителен буџет од 2.000 евра со цел на Евровизија да и се понуди беспрекорен звук.

Подготовките за Торино почнуваат веднаш.

Македонија на 66-то издание на „Евросонг“ ќе настапи во второто полуфинале на 12-ти мај, а финалето е закажано за 14-ти мај. Манифестацијата ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, откако минатата година првото место го освои италијанскиот рок-бенд „Манескин“.

Андреа е од Скопје, чијашто музика за само десет месеци е стримувана повеќе од девет милиони пати на платформата Тик Ток и 2.2 милиони пати на YouTube. Македонската публика ја освои со нејзиното првенче “I know”, а денес веќе ја препознава и Европа. Песните на Андреа се вртат на повеќе до 200 радио станици во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Англија, Канада, Германија, Франција и Италија. По големиот успех на нејзините први две песни, Андреа сними сет од 3 песни со светски познатиот оркестар  FAME’s.