Андоновски: Македонија да не биде повеќе последна во дигитализација во Европа


Нашата визија е целосна дигитализација на јавните услуги, комплетирање и целосно интегрирање на системот е-услуги, подобрување на капацитетот на јавните институции за испорака на ефикасни е-услуги, подигнување на дигиталната писменост на граѓаните и деловните субјекти за користење на е-услуги и зголемено користење и запознавање на граѓаните со овие услуги, изјави вечерва министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.  

Во интервју за ТВ 24 тој нагласи дека дигитализацијата ќе биде приоритет што ќе го трансформира начинот на работа на јавната администрација и ќе ја зголеми нејзината економичност, транспарентност и квалитет на работа.

– И покрај фактот што 91 процент од компаниите користат интернет и компјутери, само 100 илјади корисници се во моментот застапени на веб порталот на Владата, рече Андоновски. 

Министерот потенцираше дека целта на оваа Влада во наредниот период е да промовира високи стандарди во технолошкиот развој преку насочени инвестиции, а овој сеопфатен пристап има за цел да ја позиционира Македонија како лидер во регионот за да се смени досегашната реалност според која, Извештајот за е-Влада на Европската комисија, ја сместува Македонија на последното место, додека Извештајот за дигитализација на претпоследно место.

-Нашите клучни интервенции ќе бидат во насока на забрзување на дигиталната трансформација во земјата, унапредување на инфраструктурата и технологиите за дигитализација со следење на динамиката на промени на светско ниво, нагласи Андоновски.