Андоновски: Место Бугари од Македонија, платени луѓе од Бугарија ќе доаѓаат на гробот на Делчев
Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ очекува Бугари од Македонија да излезат и да го прослават денот на раѓањето на Гоце Делчев. И тоа да го направат пристојно со цвеќиња
Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕл во гостување во емисија „Топ тема“ на Телма посочи дека провокатори, а не македонски Бугари на 4 февруари ќе оддават почит на Гоце Делчев во Скопје. Најавениот настан со висок ризик, според претседателот Стево Пендаровски, се подгрева деновиве уште повеќе од кадри на ВМРО-ДПМНЕ кои повикуваат на масовно присуство во црквата „Свети Спас“, а Андоновски најави и навивачки групи.
„Јас ќе очекував огромниот број на Бугари во Македонија, како што претставуваат дека ги има, да излезат и да го прослават денот на раѓањето на Гоце Делчев. И тоа да го направат пристојно со цвеќиња. Но, тоа не се случува, туку од Бугарија платени и организирани луѓе доаѓаат за да направат провокација во Македонија, и тоа со бугарски знамиња. Значи јас Гоце Делчев никогаш не сум го видел зад бугарско знаме. Никогаш не сум видел да се борел за бугарска кауза, дека ја спомнува Бугарија како држава која што треба да се ослободи напротив ја спомнува Македонија“, вели Стефан Андоновски.
Андоновски додаде дека, да беа фер во пристапот и да беа доблесни, овие здруженија ќе излегле мирно и чесно со почитување на сите правила да го прослават роденденот на Гоце Делчев.
„Но, за жал, очекувам дека ќе дојдат провокатори. На кој начин тоа ќе го организираат не можам да знам и колку МВР ќе се справи со истата ситуација, исто така не можам да знам. Од позадинското CV, портфолио кое што го има, Оливер Спасовски не покажа дека добро се справува со ваквите ситуации. Се сеќаваме и на инцидентите што се случуваа на Мечкин Камен, се сеќаваме и на инциденти кои што ни се случуваа и во центарот на Скопје“, рече Андоновски.
Тој посочи дека на 4 февруари Македонците ќе отидат на гробот на Гоце Делчев и ќе положат цвеќе и „ќе бидат достоинствени како и секогаш“.
„На гробот на Гоце Делчев ќе бидеме ние како политичка партија, но и здруженија на граѓани, навивачки групи и ќе има позитивна атмосфера на достоинствен начин. Од наша страна, односно од страна на Македонците ќе биде како што треба“, рече Андоновски.
И Македонци од Србија најавија дека на 4 февруари доаѓаат во Скопје. Од Партијата на Македонци во Србија соопштија дека ќе дојдат во Македонија да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев, а како што се вели во нивната порака до бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, нема да му дозволеле да пријде до црквата Св.Спас.
„По заканите на Џамбаски, дека на 4 февруари ќе дојде во Македонија, да сече раце на Македонци, од Партијата на Македонци во Србија му порачуваме дека ќе го чекаме во Скопје. Ќе положиме цвеќе на гробот на Гоце Делчев и нема да дозволиме бугарските фашисти со Џамбаски да пријдат до црквата ‘Свети Спас’. Многу работи останаа нерасчистени. Поддршка до нашите браќа Македонци во Бугарија, Грција и Албанија“, велат од Партијата на Македонци во Србија.
Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Анализа“ на ТВ24 истакна дека ова е придобивка од договорот со Бугарија, од францускиот предлог и погрешните политики на оваа влада во однос на Бугарија.
„Ова е само образецот, шаблонот по кој Бугарија ќе настапува во иднина. За ова ние предупредувавме во континуитет, дека давањето на алатка во рацете на Бугарија со која може да ни го блокира нашиот пат кон ЕУ, не носи во ќор-сокак. За секој инцидент, според нив, и за неисполнување на нивните очекувања што врска немаат со европскиот пат на Македонија, ќе има вакви реакции, заплашувања и закани со вето, притискање на владата да ги прифати сите нивни барања“, рече Петрушевски.