Анчелоти е нов селектор на бразилската репрезентација, заминува од Реал Мадрид на крајот од сезоната

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ќе го напушти клубот на крајот од сезоната за да ја преземе репрезентацијата на Бразил, објави денес Бразилската фудбалска конфедерација.
Анчелоти ќе го преземе Бразил на 26 мај, денот по завршувањето на шпанското првенство. Тој ќе ја предводи репрезентацијата барем до крајот на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада.
-Доведувањето на Карло Анчелоти за селектор на Бразил е повеќе од стратешки потег. Тоа е изјава до светот дека сме решени да се вратиме на врвот на подиумот. Тој е најдобриот тренер во историјата и сега ќе биде со најдобрата репрезентација на планетата. Заедно ќе напишеме нови славни поглавја во бразилскиот фудбал, изјави Едналдо Родригес, претседател на Бразилската фудбалска конфедерација.
Тој додаде дека Анчелоти ќе го предводи Бразил во следните два натпревари од квалификациите за Светското првенство во Јужна Америка, на 6 јуни на гости против Еквадор и пет дена подоцна во Сао Паоло против Парагвај.
Анчелоти има договор со Реал уште една година, но се очекува договорот да биде раскинат. 65-годишниот италијански тренер ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ како еден од најуспешните тренери, освојувајќи 15 трофеи во два мандата.
Реал речиси сигурно нема да освои ниту еден трофеј оваа година. Единствената шанса на тимот е во првенството, но по поразот од Барселона во неделата (3:4), тие се втори на табелата, седум бода зад нивниот голем ривал, а остануваат уште три кола.
Анчелоти ќе го замени Доривал на клупата на Бразил, кој беше отпуштен по 14 месеци во март по поразот од Аргентина со 1-4.
Бразил е четврти во квалификациите по 14 натпревари, а првите шест репрезентации ќе се квалификуваат директно на Светското првенство следното лето.
Петкратниот светски шампион Бразил не триумфирал на Светското првенство од 2002 година, а последен пат ја освои Копа Америка во 2019 година.
Анчелоти е еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот и најуспешниот тренер во Лигата на шампионите, освојувајќи пет трофеи и уште два како играч. Тој е еден од седумте тренери кои го освоиле најважниот трофеј на клубот и како играч и како тренер.
Тој е исто така единствениот тренер кој освоил шампионски титули во петте најсилни европски лиги, во Италија, Англија, Германија, Шпанија и Франција.
Во текот на својата кариера, Анчелоти ги тренирал Реџана, Парма, Јувентус, Милан, Челси, Пари Сен Жермен, Баерн Минхен, Наполи, Евертон и Реал Мадрид.
Се шпекулира дека на клупата на Реал Мадрид би можел да го замени поранешниот играч на клубот, Чаби Алонсо, кој минатата недела објави дека ќе го напушти Баер Леверкузен на крајот од сезоната.