Анатол Кутревски: Бизнисот мора да е во центарот на вниманието на државата


„Стопанската комора е форум на кој ние си го кажуваме нашето. Нема друг форум на кој ние како стопанственици ги кажуваме нашите предизвици и она со кое се соочуваме. Во Стопанската комора има инфраструктура и луѓе кои имаат знаење и кои се упатени ако ви треба нешто; луѓе кои знаат да ви дадат совет и насока. Имаме обуки и ефикасна комуникација со државните институции и со странство заради соработка и регионални иницијативи за подобрување на трговската размена“, изјави Анатол Кутревски, вториот извршен директор на „Пекабеско“ АД Скопје и припадник на младата популација која ќе ги преземе ризиците на новото време во бизнисот, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески.

Во разговорот Кутревски потенцираше дека Стопанската комора за него претставува место каде што стопанствениците дискутираат за да најдат соодветни решенија за предизвиците и за проблемите со кои се соочуваат. Тој истакна дека Комората има изградено солидна инфраструктура и кадар кој поседува знаење и искуство да даде совет и насоки и кој сака да помогне. Комората за Кутревски претставува мост за комуникација со државните институции и отворање простор за регионална и поширока соработка заради подобрување на трговската размена.

Стопанската комора иднината ја гледа во младите успешни бизнис-лидери кои имаат знаење и смелост да ги понесат ризиците на новото време во бизнисот, па затоа во сегашниот состав на Управниот одбор на Комората има многу млади членови, меѓу кои е Анатол Кутревски. Со своите прогресивни идеи и со новитетите што ги носат, овозможуваат развој за Комората за таа да биде во чекор со новите времиња.

На прашањето на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески дали во наредните години бизнисот ќе биде во центарот на вниманието, како што е изнесено во Декларацијата по повод 100-годишнината од постоењето на Комората, Кутревски истакнува дека мора да се работи на тоа бизнисот да стане центар на вниманието на државата затоа што ако тоа не се реализира, според него, не би можело да се очекува економски развој на државата. Тоа значи да се излезе од комфорната зона и да се зголеми ризикот затоа што бизнисот значи ризик, а степенот на ризик влијае врз профитабилноста на компаниите.

Кутревски, во разговорот со Азески, ја нагласи важноста на регионалната соработка за економски напредок на Македонија и го истакна своето мислење за отстранувањето на границите помеѓу соседите од регионот бидејќи тие ги отежнуваат соработката и протокот на стоки и услуги.

Во продолжение на поткастот се дискутираше за можноста за развој на Вардарската Долина, со што нашата земја би се одвоила од другите соседни земји во сферата на бизнисот, како и за можноста за инвестирање во нова инфраструктура за висок транзитен проток на стоки и услуги од кои државата ќе има додадена вредност.

Запрашан што е потребно за развој на градот Скопје, Кутревски како приоритет ги става решавањето на сообраќајната инфраструктура, на проблемот со паркирањето и на комуналната хигиена, како и завршувањето на изградбата на зградите во центарот на Скопје бидејќи тоа лошо влијае врз атрактивноста и врз привлекувањето странски туристи. Во насока на решавање на инфраструктурата, смета дека треба дислокација на Клиничкиот центар бидејќи таму најмногу се создава сообраќаен хаос, требаат подземни тунели, но и вложување во квалитетен железнички сообраќај, особено за товарниот превоз.