Анализа на „Пари“: Каков е соодносот меѓу минималната и просечната плата кај нас и во регионот
Денеска се очекува на иста маса да седнат Министерството за економија и труд, Сојузот на синдикати, и Организацијата на работoдавачи. Копјата ќе се кршат околу висината на минималната плата, која треба да се коригира во март, но сега треба да се обезбедат пари во Буџетот за 2025 година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, јасно посочи дека на сметка Функции на државата има оставено 2 милијарди денари коишто ќе се користат во зависност од тоа колку ќе се зголеми минималната плата. Од Министерството за финансии проценија дека ако се оди според Законот за минимална плата, без ад хок решение, минималната плата од идната година во март ќе изнесува околу 24.400 денари.
Според Законот за минимална плата, висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: 50 насто од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година, според податоците од Државниот завод за статистика, и 50 насто од порастот на индексот на трошоците за живот за претходната година, според податоците од Државниот завод за статистика. Така, сегашната минимална нето-плата е 22.567 денари. Растот на минималната плата во 2024 година во однос на 2023 година е 12,15 насто, но поради намалената инфлација таков раст не може да се очекува во наредната година.
Сојузот на синдикати уште од први мај стои цврсто на своето барање минималната плата во државава да биде 450 евра, односно 27.700 денари, што е повеќе од 3.000 денари над законското усогласување.
Европска директива за минимална плата – 60 отсто од просечната плата
Од 15 ноември во ЕУ треба да стапи во сила нова директива за минимална плата, според која минималната плата треба да биде 60 насто од просечната плата.
Според последните податоци, просечната нето-плата во Македонија во август е 41.097 денари. Ова значи дека сегашната наша минимална плата учествува со 54,9 насто во просечната. Колкава ќе биде просечната нето-плата во ноември, засега само може да се лицитира, но очекувањата се дека таа нема да се разликува многу. Ако ја спроведеме Европската директива, која за нас не е обврзувачка, и ако пресметките се прават врз основа на августовските просечни плати, тоа би значело дека минималната плата во ноември би требало да биде 24.650 денари, односно нешто слично на тоа што ќе донесе законското усогласување на минималната плата во март.
Минималната плата, пак, е основа за раст на сите останати плати. Тоа што е проблем во Македонија е ниската продуктивност. Но, за да се зголеми, треба да има подобрувања и кај работниците и кај работодавачите. За работниците е пресудно образованието и стекнувањето вештини. За работодавачите потребни се сериозни вложувања од страна на компаниите, кои ќе овозможат поголема ефикасност и намалување на трошок по единица производ.
Каде сме во однос на регионот?
Секогаш кога ќе почнат да се водат битки за минималната плата се поставува истото прашање, каде сме во однос на регионот? Одговорот не е едноставен. Голите бројки нема да ја покажат вистинската состојба. Потребна е комплексна анализа во однос на тоа колкава е куповната моќ на парите во одделна земја, односно колку со тие пари може да се купи храна, колку чинат кириите, образованието, здравството…
Со цел да направи пореален приказ на нашиот минималец во однос на минималните плати во регионот, Пари ги стави во корелација со просечните плати.
Според податоците, на Словенија нема да ѝ биде тешко да ја исполни Европската директива. Минималната плата таму дури за малку и надминува 60 насто од просечната плата. Иако Македонија е на опашката од оваа листа по висината на минималната плата во износ (од нас пониска минимална плата има само Босна и Херцеговина), од сите преостанати има подобар сооднос меѓу минималната и просечната плата. За жал, просечната плата ни е убедливо најниска во регионот.
Смела одлука во Црна Гора
Најрадикални чекори во однос на минималната плата има направено Црна Гора, која во еден период имаше учество од само една третина на минималната плата во просечната плата. Сега, со законски измени, се очекува драстичен раст на платите во оваа држава. Од октомври (значи со исплата во ноември) има нов минималец и тоа за две категории: за оние со средно и пониско образование минималецот ќе биде 600 евра, а за вработените со вишо или високо образование – 800 евра. Очекувањата се со ова просечната нето-плата да се зголеми на 1.000 евра.
Целата анализа е на следниот ЛИНК.