Анализа на ФАЦ: Проширувањето на ЕУ е мртво, што следи?
Принципот дека реформите доведуваат до членство во ЕУ повеќе не важи за земјите од Западен Балкан, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализа.
Никој не го сфати ова појасно од Република Северна Македонија, која дури и го смени името по барање на Грција за да може да започне преговори со ЕУ. Сепак, грчкото вето беше проследено со француско, потоа бугарско, овој пат заради историјата и јазикот на словенските Македонци. Процесот на проширување е полн со политички стапици кои немаат многу врска со реформските напори на земјите кандидати, се вели во обемната анализа.
Балканот не е изненадување откако францускиот претседател Емануел Макрон во јули 2019 година јасно стави до знаење во Белград дека ЕУ нема да прифати нови членки се додека таа не се реформира.
Во анализата се нагласува дека тоа не е нова приказна – уште во 2005 година, Берлинската фондација за наука и политика (ФНП) во своето издание забележа „растечки замор од проширувањето“ и праша „дали полноправното членство во ЕУ е единствената опција за долгорочна стабилизација“ на земјите од Западен Балкан.
„Ова прашање е порелевантно од кога било“, наведува авторот на анализата Михаел Мартенс.
„Ако членството не е реално, тогаш како ЕУ треба да се однесува кон регионот? Како може да го задржи своето влијание и да им се спротивстави на политичките ривали како Русија, Кина и Турција? Постојат многу идеи, многу од нив не се нови“, праша тој.
Една од нив беше објавена во „Њујорк Тајмс“ во мај 2003 година од тогашните премиери на Србија и Албанија и претседателите на Хрватска и Македонија. Тие побараа земјите од Западен Балкан да имаат пристап до фондовите за кохезија на ЕУ, односно да се третираат финансиски како членки на ЕУ, иако немаат право на глас во Брисел, потсетува весникот.
За „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборуваше и Душан Релиќ, шеф на канцеларијата на ФНП во Брисел.
„Населението на Западен Балкан не надминува 3,5 проценти од вкупното население во ЕУ. Ако се мери според економската моќ, важноста на регионот е уште помала. Затоа, не станува збор за големи суми, туку најмногу за три милијарди евра годишно. Но, правилно вложените структурни финансиски стимуланси можат да поттикнат многу работи во регионот“, рече Релиќ.
Тој предупредува дека големи делови од регионот изумираат поради раселувањето на населението, особено кон ЕУ и потребна е финансиска поддршка за да се спречи тоа. Релиќ исто така вели дека без економско зајакнување на средната класа, не може да се очекува зајакнување на владеењето на правото.
Анализата забележува дека земјите од регионот се економски ориентирани кон ЕУ, со кои вршат околу три четвртини од својата трговија.Авторот потсетува дека Турција, Русија и Кина, за чие влијание на Балканот честопати драматично се предупредува, не играат речиси никаква економска улога во регионот, освен Москва во енергетскиот сектор.
„Никој во регионот сега не верува во оригиналната форма на процесот на проширување, затоа треба да се разговара за нови пристапи“, заклучи Мартенс.