Анализа: Дури 80 отсто од Македонците се против уставни промени


Довербата на македонските граѓани во Европската Унија е на рекордно ниско ниво, а 80 отсто од Македонците се против уставните измени, покажува Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Според директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, поддршката за ЕУ е на рекордно ниско ниво, но оваа година има значително подобрување на перцепцијата кон Унијата како влијателен идентитет и како најдобар сојузник на земјата.

– Навидум овие две се противречни работи, меѓутоа од ова може да заклучиме дека е клучен момент каде што ЕУ пред се кон земјата треба да направи многу попрактични чекори за да го зголеми нивото на спремност на популацијата да гласа за иден потенцијален влез во ЕУ, односно за да ја зголеми поддршката. Значи, сега гледаме на ЕУ како подобри пријатели, рече Трошановски.

Тој додаде и дека поддршката за уставни промени останува да биде ниска, 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци противењето на уставни измени е 80 проценти, што, според него, е исклучително висок податок.

Во однос на тоа кои се причините за ваквите резултати, вели дека причините секако не произлегуваат од истражувањето на сите тие причини, меѓутоа разочараноста е дека процесот на преговори не дава резултати со години.

Директорот на Канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија Даниел Браун, истакна дека „Конрад Аденауер“ фондацијата се залага Македонија да продолжи на патот кон евроинтеграциите, и покрај сите влијанија што доаѓаат и од внатре и однадвор.

-Очигледно е дека пред се станува збор за губење на трпението доколку не се постигнеше договор, можеби самиот процес на евроинтеграција ќе се забрзаше, но сепак тука мора да се нагласи дека структурата на самите земји-членки и самата ЕУ функционира на начин што одредени земји, во случајот соседна земја можат, да постават вакви барања. Сепак, јас не можам да ги поддржам тие барања и покрај тоа што сто отсто ниедна страна не може да ги добие своите барања, треба да има компромис, тоа би било солуцијата и решението и верувам дека начинот за да се постигне тоа е политичката елита да говори со еден глас, рече Браун.

Оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ.

Испитаниците се поделени околу ставот дека ‘нападот врз Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Русија не можеше да ги игнорира’. Половина (51%) од испитаниците во одредена мера се согласуваат со оваа теза, додека 38% не се согласуваат. Мнозинство од испитаниците (55%) целосно се согласуваат дека само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната.

Третина од испитаниците (32%) сметаат на ЕУ како најголем сојузник на државата, по која следи САД со 17%. Трет посочен сојузник е соседна Србија со 10%, пред Русија и Германија со 9% и Турција со 7%.