Ана Петановска со награда за најдобра интерпретација на фестивал во Шибеник, доби понуда за соработка со „Кроација рекордс“

Ана Петановска освои награда за најдобра интерпретација на фестивалот Далматинска шансона во Шибеник, Хрватска. Една од најталентираните поп-пејачки кај нас ја испеа песната „Само љубав постоји“, со музика на Григор Копров, текст на Роберт Пилепиќ, и аранжман на нејзиниот брат, Стефан Петановски.
„Ана растури во Шибеник, ова беше една од нејзините најдобри изведби, доби долг аплауз и овации кои сосема ги заслужи. Веднаш по настапот, хрватските медиуми се заинтересираа за неа, а најважно од сѐ е што доби понуда за соработка со ‘Кроација рекордс‘ и уште една музичка издавачка куќа“, вели композиторот Григор Копров.
„Одлично си поминавме, енергијата на сцената беше неверојатно убава, тоа некако ни беше дополнителна награда. Оркестарот е вонземски буквално, прекрасни луѓе, убава публика и многу пријателства со луѓе што пак си ги видовме од минатата година. Секогаш е задоволство со нив да се соработува. Ние сме ептен задоволни со настапот, ова беше еден од ретките кај што не се оптеретувавме премногу технички, само се опуштивме и тие три минути беа како цела приказна“, рече Ана Петан.
Ова е втор нејзин поголем фестивалски успех ова лето. Поп-пејачката во дует со легендарниот хрватски рокер Дадо Топиќ победи на фестивалот Бисер на Јадранот, што се одржа во јули во Тиват, Црна Гора. Првата награда им ја донесе песната „Небо“, за која музиката ја напиша Григор Копров, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски.
Пред Тиват, Ана имаше забележителен настап и на Сплитскиот фестивал со песната „Kad noć sretne dan“, чии автори се истите како на песната со која доби награда во Шибеник.
Песната „Небо“, со која победи во Тиват во дует со Дадо Топиќ ќе ја испее на фестивалот Охрид фест- Охридски трубадури на 30 август на сцената на „Долни Сарај“ во Охрид.