Ана Кондратенко за „Независен“: Го одбив Карерас зашто убаво ми е во Скопје
Ана Кондратенко 15 години е прва виолина или концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Исклучителен музичар со став, атрактивна дама со волшебни зелено-сини очи, сопруга на врвен музичар и мајка на три деца. Дел од музичките критики за Ана Кондратенко ќе кажат дека е таа „виолинистка со фуриозен штрих“… која создава „музика како од оној свет“.
Добитничка е на значајни награди, меѓу кои: Прва награда на меѓународниот конкурс „Blue Lake“ во Мичиген, САД (1992), Втора награда на серускиот конкурс „М. Ерденко“ во Москва, Русија (1995), Трета награда на меѓународниот конкурс „Е. Мравински“ во Санкт Петербург, Русија (1996), Трета награда и награда од публиката на меѓународниот конкурс „Yefrah Neaman“ во Мајнц, Германија (1997) итн.
Во интервјуто за „Независен весник“, Кондратенко открива дека се чувствува добро во Скопје, иако имала сериозни понуди од Германија и Израел, дека ѝ недостига родната Русија која ја посетува еднаш годишно, а една од македонските навики што ги прифатила е ритуалот на пиење кафе наместо чај. Од мали нозе е опкружена со ѕвезди од класичната музика, ги опишува како најнормални личности, а открива дека кога ќе научиш виолина – сите други музички инструменти ти стануваат полесни за разбирање, а и за свирење.
Во Охрид свиревте со славниот тенор Карерас и со славната виолинистка Ванеса Меј. Кој од сите ѕвезди со кои сте настапувале Ви оставил впечаток и дали контактите продолжуваат и понатаму?
– Моето потекло и образование дозволуваат да кажам дека сум опкружена со висок квалитет (вистински ѕвезди) уште од самото детство. Родена сум во најголемиот град во Сибир – Новосибирск каде што живееле и работеле двајцата најдобри професори по виолина – Захар Брон и Марк Либерман. Нивните ученици се сега најистакнати виолинисти во светот (Вадим Репин, Максим Венгеров, Наталија Пришепенко и други) и јас ја имав таа привилегија да ги слушам нивните концерти уште од мојата најрана возраст. Исто така, Захар Брон во одредена смисла ме „внесе“ во таа животна трка наречена „музичар виолинист“, со тоа што ѝ рече на мајка ми дека мора да ми го посвети целото свое време затоа што сум била талентирана. По таа животна школа што ја имав во Новосибирск со тешка конкуренција на највисоко светско ниво, јас го продолжив образованието во Келн со најголемата виолинска „ѕвезда“, според мене, од поранешниот Советски Сојуз – Виктор Третјаков. Четири години секој час ја имав таа среќа да го слушам одблиску и да учам од жива легенда.
Кога во Македонија доаѓаат ѕвезди од типот на Карерас, Џеси Норман, Борис Березовски, гореспоменатиот Вадим Репин, Владимир Ашкенази, Дејвид Гарет и други (не ги ставам во овој ред Ванеса Меј, Андреј Риу и Ричард Клајдерман) со кои ја имав таа среќа да свирам на иста сцена, знам дека се тие најнормални луѓе како сите ние. Едно нешто забележав – колку што е поголема ѕвезда во вистинска смисла, толку понормален и приземен човек е. Без никакви посебни побарувања од типот „во гримиорна да има вода само од Франција и само на +15 степени топла, во ВЦ да има сино-зелени плочки и овошје само свежо увезено од Чиле“…
Какви привилегии Ви носи Вашата професија, а кои се нејзините недостатоци?
-Дека виолината е најтежок музички инструмент, разбираш во првиот момент кога ќе се обидеш да извлечеш нешто друго освен чкрипење. Тој „недостаток“ од друга страна носи сознание дека кога ќе научиш виолина – сите други музички инструменти ти стануваат полесни за разбирање, а и за свирење. Уште една пожртвуваност што секој професионален виолинист мора да ја направи е тоа што времето во детството ќе му биде поминато не во шетање-играње со другарчињата надвор, туку во четири ѕида, затворен со виолина и многу часови вежбање скали, вежби, етиди, програми за концерти, испити, колоквиуми… Ама чувството на сцена, кога музиката те носи во некои други светови и димензии на убавина, вреди за вложеното време и труд.
Долги години настапувате во Македонската филхармонија, сега сте прва виолина, односно концерт-мајстор. Како се доаѓа до оваа престижна позиција?
-Јас свирам во Филхармонија речиси 15 години и исто толку како концерт-мајстор. Ја имав среќата по моето дипломирање во Келн овде да се ослободи место концерт-мајстор и (иако имав други планови) како да ми беше предодредено да станам концерт-мајстор на најстариот симфониски оркестар во Македонија. Тоа место бара многу нешта: прво – работно искуство. Јас можеби претходно не сум свирела во Македонска филхармонија, ама затоа свирам во оркестри од моја деветгодишна возраст. Првото искуство ми беше во еден младински оркестар во Америка каде што по пат на аудиции имав највисоки поени, ама поради тоа што бев и најмлада во тој оркестар (каде што другите учесници беа на 12 години и постари), ме ставија како заменик концерт-мајстор. Во Америка тоа се вика „второ столче“, што беше незаборавно искуство за мене – првпат во толку голем оркестар, а и плус гледав како „работи“ концерт-мајсторот одблиску. После следуваше свирење во многубројни оркестри во Русија и Германија, каде што често бев ставана и на тоа високо концерт-мајсторско место.
Втората работа што мора да ја поседува концерт-мајсторот е добрата комуникација со луѓето. Бидејќи концерт-мајсторот во оркестарот е некаков вид „бафер” меѓу оркестарот и диригентот. Мора да знае барем англиски за да може да комуницира и со странски диригенти и по потреба да им преведува и на оркестрантите.
Третата работа се лидерските квалитети како во музичка, така и во човечка смисла. Концерт-мајстор е човек што мора да го води оркестарот „звучно“ како во гласни, така и во тивки моменти на изведбата. Од друга страна, јас преземам иницијативи и за водење на работна проба кога има потреба од тоа.
Секако не ги одредувам особините на концерт-мајсторот по нивната важност, бидејќи тие се клучни за еден виолинист да биде концерт-мајстор.
На каква виолина свирите? Важно ли е дали е скапа или не?
-Ова е една од болните точки на нашиот оркестар. Големите симфониски оркестри низ светот за свои водачи и први пултови во гудачкиот сектор ги имаат земено од спонзори и мецени старите добри виолини кои не чинат малку. Гудачките инструменти со секоја година старост ја зголемуваат својата вредност 10% минимум, а за инструменти од рангот на „амати“, „гварнери“, „страдивари“ уште повеќе.
За жал, во нашата држава уште нема слух кај надлежните (не само власта, туку и големите банки, фирми) дека инвестицијата во гудачки инструменти носи не само убав тон на оркестарот, туку и пари.
Од друга страна, одговор на прашањето „важно ли е дали е скапа или не“ даде мојата прва професорка по виолина: „не имеј ‘амати’, а умеј играти“, што во слободен превод значи дека ако не знаеш да свириш, џабе ти е „амати“ или „страдивари“. Инструментот никогаш не свири сам…
Од колку години свирите виолина?
– Од моите 5 години.
Дали сте свиреле некогаш на виолина „страдивари“? Што ја прави толку ексклузивна и престижна меѓу виолинистите?
– Свирев. Не само „страдивари“, кој е ексклузивен, туку и „амати“, „гварнери“, „вијом“, „гваданини“… Сите инструменти од овие мајстори вредат од 500.000 € и нагоре. Меѓутоа, не секогаш името значи сè за нас. Понекогаш, и некој инструмент од не толку познат мајстор ти лежи многу подобро отколку „страдивари“.
Дали сте на посебен режим на исхрана и на живеење?
-Не. Само позитивни мисли и молитва, кои секојдневно ги практикувам.
Од кого ја имате наследено Вашата убавина? Како се негувате?
-Сите од мојата фамилија се убави. А за мојот изглед се погрижил Господ.
Јас не правам ништо посебно и специјално за мојот изглед. Редовна хигиена, понекој соодветен крем, внимавање на исхраната и тоа.
Колку изгледот и стилот на облекување се важни во Вашата професија?
-Од една страна, за концертите во класичната музика постојат некои стандарди (иако и тие полека се поместуваат) на облекување. Од друга страна, за секојдневниот стил на облекување секој одговара според свој вкус и интегритет.
Дали имате чувство дека во Македонија сè повеќе се слуша класична музика?
-Со добра политика на креирање годишна програма и со изградбата на нашата нова сала, се надевам дека бројот на обожавателите на класична музика порасна во последните 10 години. Со задоволство гледам како се бара карта плус за сè повеќе од нашите концерти. Од друга страна, тоа се краткотрајни чекори. За вистински развој на класичната музика во Македонија фали разбирање и слух кај одговорните министерства преку поддршка на младите таленти во Македонија. Првпат во 33 години оваа година не е поддржана Музичката младина на Македонија од страна на Министерството за култура. Во ФМУ и во средното училиште недостасуваат професори и наставници по некои од клучните инструменти, одговорните во тие институции не можат да викнат хонорарно професори од странство, бидејќи нивните плати се мизерни, а камоли уште некого да викаат. И уште куп проблеми во поддршката на младите таленти кај нас. Со таква политика, за 10-20 години нема да има кој да свири во оркестрите кај нас, а со тоа и ќе снема и публика.
Од која земја доаѓаат најталентираните виолинисти?
-Таленти има во секоја земја. Само со талент едно дете не прави ништо. За вистински развој на талентот, потребни се: разбрани родители, добар професор од самиот почеток и плодотворна атмосфера, што подразбира услови за сестрано развивање – добра школа, поддршка од страна на државата, организирање натпревари, концерти, стипендии, помош во обезбедување на добри инструменти.
Што ја прави руската школа толку посебна и почитувана?
-Дел од одговорот на ова прашање лежи во одговорот на претходното прашање, со едно дополнување – а тоа е работната дисциплина. Така сме растени во тоа време (сега се менува тоа и кај нас) – ако не работиш како проклет, нема да постигнеш успех. Без минимум 4 часа вежбање секој ден, нема успех.
Кој композитор Ви е омилен?
-Речиси секој композитор има некое дело што многу го сакам. Ама најмногу такви дела имаат Бах, Вивалди, Рахмањинов и Шостакович.
Што слушате приватно?
-Во мојата плеј-листа има по нешто речиси од сите музички жанрови (само со рапот и некои нови жанрови сè уште не се „дружам“). Сакам да си откривам нови „слушни видици“.
Талентирана сте и успешна, го формиравте и квартетот „Филхармонија“, концерт-мајстор сте и во оркестарот за снимање филмска музика „Ф.А.М.Е.С“, а мошне значајна е и Вашата педагошка работа. Зошто останавте во Скопје? Кој друг град го замислувавте како алтернатива?
-Покрај поканата од страна на менаџерот на Хозе Карерас да се придружам на тогаш уште неформиран оркестар во Валенсија, јас имав и две други многу атрактивни и сериозни понуди за Германија и Израел. Засега останувам овде, бидејќи мојата фамилија се чувствува добро во оваа напатена земја. Инаку, доколку не го сретнав мојот сопруг Олег во Германија, бев сигурна дека ќе се вратам во Русија.
Имате сопруг со истата професија и три ќерки. Како успевате да балансирате меѓу семејството и кариерата?
– Со добар план и сестрана поддршка од мојата свекрва (Блага Петреска, н.з.).
На кој јазик зборувате дома? Знаат ли вашите деца руски?
-На почетокот со Олег зборувавме англиски и кога се роди првата ќерка во Германија, јас со неа зборував на руски, Олег на македонски, а меѓу нас се разбиравме на англиски и германски. Таа уште како бебе слушаше 4 јазика одеднаш. По враќањето во Македонија, доста бргу научив македонски, така што од тогаш по дома си зборуваме на македонски. Само со ќерките продолжив да зборувам на руски, а и со помош на руските цртани, со мојата мајка секој ден на „Скајп“, со руски книги и патувања еднаш во две години во Русија, тие добро зборуваат руски. На училиште учат англиски и германски, со што ќе имаат добра подлога да научат и други јазици по нивна желба и потреба.
Кои навики ги задржавте од родната Русија, а кои ги стекнавте во Скопје?
-Во Русија пиев повеќе чај, овде повеќе пијам кафе.
Што најмногу Ви се допаѓа во Скопје, а на што не можете да се навикнете?
-Сите градови во кои сум живеела досега (Новосибирск, Келн, Москва) беа големи и за да завршиш некоја работа, потребно е повеќе време бидејќи сè е далеку и често треба да се користи некој транспорт. Во Скопје горе-долу секаде може да се оди пеш. Ама тоа колку што е предност, толку е и минус: ми фали овде простор, воздух и ширина на улиците.
Дали често патувате во родниот град и земја?
-За жал, далеку од тоа колку што ми е потребно. Патот не само што е скап, ама е и долг. До Москва нема директен лет, а што да зборуваме за Новосибирск. Сепак, некако успевам, барем еднаш годишно, да отидам.
Каде на летен одмор?
-Оваа година летниот одмор ни е поделен. Со други зборови, споен е со работата, така што концертите во Дубровник и Цавтат ги искористивме со сопругот и децата за да го посетиме нашиот најомилен Лопуд барем 6 дена, додека диригирањето со Музичка младина на Олег го искористивме за малку релаксација во Охрид, така што сега две недели сме во нашиот стан близу Солун.
Лејла Сабит Фото: Приватна архива