Американските власти ѝ одобрија на „СпејсИкс“ да распореди еден милион сателити за вселенски дата-центри


Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ) на САД ѝ одобри на вселенската компанија „СпејсИкс“ (SpaceX) на Илон Маск да распореди соѕвездие од еден милион сателити „Стармајнд“ (Starmind) за податочни центри во вселената, кое треба да помогне во задоволувањето на брзорастечката побарувачка за компјутерски капацитети за вештачка интелигенција – соопшти денеска Комисијата.

Претходно оваа година, „СпејсИкс“ побара дозвола за распоредување до еден милион орбитални компјутерски модули за обработка на огромни количества податоци што ќе се користат на Земјата.

Според лиценцата, „СпејсИкс“ мора да почне со распоредување на сателитите најдоцна до ноември 2033 година, да распореди 10 отсто од максималниот број, односно 100.000 сателити, најдоцна до ноември 2035 година, а до ноември 2038 година да достигне 50 отсто од предвидениот број, соопшти Комисијата, додавајќи дека одобрувањето на барањето ќе ѝ овозможи на компанијата „да биде пионер во технологија во развој, која го зајакнува американското лидерство во вселената и во областа на вештачката интелигенција“.

Засега не е познато дали „СпејсИкс“ навистина ќе лансира еден милион сателити во вселената, каде што во моментов има само околу 17.000 сателити. Операторите на сателити понекогаш бараат одобрение за поголем број сателити од оној што имаат намера да го распоредат, со цел да си обезбедат поголема флексибилност при планирањето.

„СпејсИкс“ побара одобрение за 42.000 сателити „Старлинк“ (Starlink) пред да почне со распоредувањето на тој систем, а растечката мрежа во моментов има нешто повеќе од 11.000 сателити во вселената.