Американскиот и рускиот министер за одбрана разговарале по телефон, повикот бил инициран од Русите


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера телефонски разговараше со неговиот руски колега Андреј Белоусов, а двете страни потврдија без да откриваат детали од првиот разговор на двајцата министри од јуни.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека телефонскиот разговор бил „инициран од руска страна“. „Тие ги допреа прашањата за спречување на безбедносни закани и намалување на ризикот од потенцијална ескалација“, додаваат тие.

„Важноста од одржување на комуникациските линии“
Во Вашингтон, заменик-порпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека министерот „ја истакна важноста од одржување на линиите на комуникација во услови на тековната војна на Русија против Украина“.

Претходно оваа недела, Германија и САД објавија договор за стационирање на американски ракети со долг дострел во Германија, почнувајќи од 2026 година, што е првпат такво оружје да биде стационирано во земјата од крајот на Студената војна.

Американското оружје ќе вклучува крстосувачки ракети „Томахавк“ со дострел до 2.500 километри кои можат да напаѓаат длабоко во Русија, како и ракети за воздушна одбрана СМ-6 и ново развиено хиперсонично оружје.

Руските власти жестоко реагираа на објавата, обвинувајќи ги Германија и Соединетите Држави за подигање на тензиите и поттикнување на трката во вооружување.