Американски експерт тврди дека Ким Јонг Ун и семејството се вакцинирале против коронавирусот

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и неговото семејство во последните неколку недели се вакцинирани со кинеска експериментална вакцина против коронавирус, изјави американски аналитичар повикувајќи се на два неименувани извори од јапонското разузнавање.

Хари Казианис, експерт за Северна Кореја во истражувачкиот Центар за национални интереси во Вашингтон, рече дека покрај семејството Ким, кинеската вакцина ја примиле и неколку високи севернокорејски функционери.

Не е познато која фармацевтска компанија му ја доставила вакцината на севернокорејскиот лидер или дали е докажано безбедна, додаде Казианис.

– Во последните две или три недели, Ким Јонг Ун и голем број други високи функционери во семејството Ким и властите биле вакцинирани против коронавирус благодарение на вакцината што ја разви кинеската Влада, напиша Казианис во написот за порталот 19FortyFive.

Тој додаде дека најмалку три кинески компании работат на развој на вакцина против Ковид-19, вклучително и Синовак Биотек Лтд, КанСиноБио и Групацијата Синофарм.

Синофарм соопшти дека нивната вакцина веќе ја примиле скоро милион луѓе во Кина, иако не е познато дека некоја од трите компании ја почнала третата фаза на клинички испитувања на нивните експериментални вакцини за коронавирус.