Американската војска минатата година видела над 500 НЛО, но не од вонземјани
Објавен е новиот извештај на американската влада за забележани НЛО пријавени од американски војници. Новите документи откриваат дека минатата година имало стотици вакви нови случаи.
Националната разузнавачка служба на САД сега знае за 510 пријавени НЛО, што е зголемување од 144 собрани во првата проценка од 2021 година, пишува Би-Би-Си.
Речиси половина од новите видувања се припишуваат на човечко потекло, се вели во извештајот. Сепак, повеќе од сто средби останаа нерешени.
Во извештајот се вели дека средбите со НЛО, кои американската влада ги нарекува неидентификуван воздушен феномен, продолжуваат да се случуваат во ограничен или чувствителен воздушен простор, нагласувајќи ја можнaта загриженост за националната безбедност.
Од 366 нови извештаи, за 26 беше утврдено дека се беспилотни летала (дронови), 163 беа балони, а шест воздушни објекти беа припишани на пречки. Извештајот беше делумно објавен за да помогне да се „дестигматизираат“ искуствата од НЛО и да се подобри безбедноста на воздухопловството.
Во извештајот се наведува дека овие средби треба да помогнат да се идентификуваат заканите за безбедноста на летовите, како и потенцијалните противнички активности. Ниту еден извештај не е поврзан со некоја вонземска активност.
Извештаите ги истражува Канцеларијата за решавање на аномалии на сите домени (AARO), канцеларија на Пентагон основана минатата година за преглед на инциденти со НЛО.
ААРО ќе се фокусира на примање и анализа на инциденти од неидентификувани појави и ќе работи со разузнавачките агенции за понатамошна проценка на тие инциденти, се вели во новиот декласифициран документ.
„Не видовме ништо што би нè навело да веруваме дека некој од предметите што ги видовме е од вонземско потекло“, рече минатиот месец Роналд Мултри, потсекретар за одбрана, разузнавање и безбедност на Пентагон.
„До денес, не сум видел ништо во тие документи што сугерира дека имало посета на вонземјани, несреќа на вонземјани или нешто слично“, додаде Мултри.
Но, напорите продолжуваат да се утврди дали преостанатите НЛО се од Земјено потекло. „Во отсуство на можност да се каже што е нешто, претпоставуваме дека тоа би можело да биде непријателско. И затоа мораме да го сфатиме сериозно“, рече тој, според Би-Би-Си.
Што е НЛО?
НЛО/УАП се предмети или појави кои по испитување на експерти сè уште не можат да се објаснат на конвенционален начин. Тоа не значи дека автоматски се работи за вонземски вселенски летала или некои натприродни сили, туку дека засега нема научно објаснување за овие настани.
За НЛО често по некое време излегува дека тоа биле природни феномени, метеоролошки балони и направи, странски авиони и дронови или нешто подобра фотомонтажа.