Американската пошта ја смени одлуката – САД сепак ќе примаат пратки од Кина и Хонг Конг
Американската поштенска служба (УСПС) ја смени одлуката и сепак реши да прима поштенски пратки од Кина и Хонг Конг, откако вчера објави дека повеќе нема да прифаќа пратки од овие дестинации.
Ова се случи отако САД воведоа дополнителна царина од 10 отсто за увоз на кинески стоки, укинувајќи го и царинскиот исклучок што дозволуваше мали пратки во вредност до 800 долари да се испраќаат во земјата без царина.
Од УСПС не објаснија зошто ја смениле одлуката, но соопштија дека ќе соработуваат со Службата за царина и граници за воведување на процес за брза наплата на новите кинески царини, и да се избегне прекин во примање на поштенските пратки.
Забраната можеше да предизвика огромни нарушувања за онлајн продавниците како „Шеин“ и „Тему“, популарни меѓу помладите купувачи поради евтината облека и други производи, што во САД обично пристигаат директно од Кина.