Американци ќе копаат антимон во Македонија, на САД им се нуди и „Чебрен и Галиште“


Селото Луке, кривопаланечко (Фото: Гугл мап)

 

Американска компанија ќе експлоатира руда антимон во Кривопаланечко, која потоа ќе се преработува во Соединетите Американски Држави, а на американски инвеститори ќе им биде понуден и проектот „Чебрен и Галиште“, што била лична заложба на премиерот Христијан Мицкоски. Ова денес на новинарите им го откри премиерот Мицкоски, во одговор на прашање за денешниот стратешки дијалог што го води нашата земја со САД. 

Мицкоски нагласи дека Македонија е првата земја од Европа која што има стратетшки дијалог со актуелната администрација на САД. Mакедонската делегација ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а од страна на САД, заменик државниот секретар Кристофер Ландау

„Исклучително високо ниво“, прокоментира Мицкоски додавајќи дека теми кои што ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, односно дигитализацијата, вештачката интелигенција, апликациите, имплементацијата, билатералната соработка, потоа енергетиката, инфраструктурата која што се гради во нашата земја и во која што се инвестира многу, потоа одбранбената индустрија, соработката во делот на одбранбената индустрија…

„Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок, а истовремено да се промовира една инвестиција во еден значаен производен објект, а тоа е рудата антимон, која што ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Редок минерал, нешто кое што навистина може за нашата економија да значи многу. Истрагите таму се веќе при крај и очекувам тоа многу скоро да биде започнато“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека рудата ќе се извезува во САД, како и дека од инвеститорите ја добил информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД.

„Така што, станува збор за еден заокружен циклус, нешто што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани“, рече Мицкоски нагласувајќи дека очекува плоден ден и заедничка завршна изјава која што ќе го опфати сето она за кое што зборува.

Запрашан дали разговорите околу дигитализацијата и вештачката интелиганеција се поврзани со намерата за изградба на дата центри во нашата земја, Мицкоски одговори потврдно. 

„Да, имав состанок со четири заинтересирани компании кои што имаат искуство во оваа област и кои што сакаат да инвестираат кај нас. На дел од тие инвестиции веќе работиме, станува збор за сериозни инвеститори и сериозни инвестиции, кога ќе можам повеќе да споделам со јавниоста, ќе споделам“, рече Мицкоски додавајќи дека не сака да кажува нешто додека не биде 100 проценти сигурен дека тоа ќе се случи.

„Но, доколку се случи, ќе имаме огромна додадена вредност во македонската економија“, рече премиерот.

Мицкоски исто така нагласи дека на на потенцијални американски инвеститори ќе им биде понуден и проектот „Чебрен и Галиште“, нешто што, како што нагласи, претставува негова лична цел и негова лична желба.

„Таму е и министерката Сања Божиновска со сите информации поврзани со тој проект, истиот ќе биде претставен“, рече Мицкоски.