Амбасадорите во Канада и Норвешка го поминаа собранискиот филтер, остана уште амбасадорот за Белгија


Фото: Б. Грданоски

 Номинираните амбасадори во Канада и во Норвешка, Агрон Буџаку и Дритон Куќи, денеска го поминаа собранискиот филтер претставувајќи ги своите приоритети пред Комисијата за надворешна политика.

Буџаку пред пратениците кажа дека негов приоритет на дипломатско делување ќе биде зајакнување и унапредување на билатералните односи, продлабочување на билатералната соработка, особено во економската и културно-образовната сфера, посочувајќи дека трговската размена со Канада во 2021 била 9,5 милиони евра.

– Канада е една од земјите со најголем број наши иселеници. Нашата проценка е дека има околу 150.000 лица со потекло од Северна Македонија, но според пописот од 2016 во Канада, околу 43.000 лица се изјасниле дека имаат етничко македонско потекло. Агенција за иселеништво ми даде 60 адреси на македонски организации на наши иселеници од кои има и македонски и албански, рече Буџаку.

Во овој контекст тој нагласи дека ќе работи и на внатрешната кохезија меѓу дијаспората, за тие повеќе да бидат заинтересирани за татковината.

Буџаку рече дека ќе работи и на зајакнување на односите и во одбраната поврзани со партнерството во НАТО, ќе ја зајакнува и културната и научната соработка, размена на професори.

Номинираниот амбасадор за Кралството Норвешка, Дритон Куќи, претставувајќи ги своите приоритети кажа дека Норвешка како земја која не е членка на ЕУ е активно вклучена во промовирањето на европските политики и нејзиниот систем на вредности, додека, рече, од позиција на земја-членка на НАТО активно е вклучена во примената и ширењето на безбедносните политики на Алијансата.

– Прашањето на прошируваер на ЕУ како важна алатка за заедничката надворешна и безбеднпосна политика спаѓа во приоитетите на анфворешната политика на Норвешка, проследено со силна поддршлка на еврпинтеграттивните процеси, односно пристапниот процес на сите земји во регонопт, а во овој контекст е искажана силна поддршка за европските аспирации на Серерна Македонија, рече Куќи.

Норвешка, додаде, иако не е членка на ЕУ, учествува во финансирање на многу проекти, чија цел е јакнење на демокраските системи на земјите аспиранти, јакнење на владеење на правото и почитување на човековите права.

– Откако се воспоставени дипломатските подноси во 1993 година, односите меѓу двете земји се движат кон нагорна линија и ги одликува пријателскиот дух на соработка, партнерски однос и заедничка определеност за постојано унапредување. Моја цел ќе биде зајакнување на билатералната и економската соработка со привлекување странски директни инвестиции во земјава но и присуство на наши компании на норвешкиот пазар, рече Куќи.

Комисијата за надворешна политика попладнево ја прекина работата на седницата и нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано. Својата платформа за дипломатско дејствување преостана да ја претстави уште амбасадорот за Кралството Белгија Методија Белевски.

Вчера собранискиот филтер го помина амбасадорката Евгенија Илиева, која заминува во дипломатска мисија во Словачка, а на крајот од јули, пред пратениците платформата за дипломатските активности ја претстави вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во САД, Зоран Попов. Поради доверливиот карактер на информациите, како што истакна тогаш претставник на МНР, Попов своите тези ги презентираше зад затворени врати и пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат.

Амбасадорката Илиева, тезите ги бранеше на отворена седница. Таа како претставник на МНР побара седницата да биде отворена откако се утврди дека нема кворум за работа бидејќи членови на Комисијата немале безбедносен сертификат, што е услов за учество на седница од затворен карактер.