Амбасадорите ќе имаат поголеми плати и ќе служат подолго


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за надворешни работи предлага измените на Законот за надворешни работи, кој ќе се носи во редовна постапка, со вклученост на јавноста.

Министерот Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција рече дека со овие предлог-законски измени се создава законска основа за реализација на два важни приоритети на Министерството и Владата. Првиот приоритет е професионализацијата на дипломатската служба и подобрување на работењето и функционирањето на целокупниот државен систем вклучен во дипломатските процеси. Вториот приоритет е преземањето на надлежностите во делот на надворешната трговија и инвестициите.

Една од измените поврзани со дипломатијата е новото законско решение кое предвидува зголемување на процентот на именуваните амбасадори кои ќе бидат од редот на професионалните дипломати од Министерството.

„Наместо актуелниот процент од една третина, во иднина се предвидува зголемување на најмалку една половина од редот на професионалните кадри.

Дополнително, со предлог-измените на законот се предвидува мандатот на упатените дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва да биде до четири години, наместо досегашните три години.

„Враќањето на четиригодишниот мандат е резултат на честата ротација и краткиот временски период за прилагодување во земјите на приемот, што предизвикуваше потешкотии во функционирањето и создавање на непотребни трошоци за министерството и државниот буџет“, нагласи Муцунски.

Новото законско решение предвидува минимална корекција на коефициентите за плата и трошоците за живот на дипломатите во странство поради зголемените трошоци во странство.

Со предложените измени претседателот на државата не ќе може да упати амбасадор во странство без да помине соодветната процедура во комисијата за надворешни работи во Собранието.