Преставници на странските амбасади во земјата се јавувале вчера во СДСМ за да изразат зачуденост и за да прашаат што стои зад начинот на кој нашата држава гласаше во Обединетите нации околу резолуциите што се однесуваа на Украина, а на што имаше и реакции во јавноста.
Ова денес на прес-конференција го соопшти лидерот на оваа партија, Венко Филипче, додавајќи дека во тие јавувања го оцениле потегот на Владата како навистина загрижувачки.
Филипче смета дека Македонија испратила порака дека нејзината надворешна политика е импровизација и дека Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа да гласаме „воздржано“.
Тој потенцираше дека за првпат една македонска влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за неа. Претседателот на СДСМ тврди дека ќе беше многу помудро да гласавме „за“ двете резолуции и ќе беше стабилна позиција.
„Ако сме целосно усогласени со ЕУ, зошто гласаме спротивно на сите други европски земји? Гласањето за двете резолуции ќе беше наш јасен став за што поскоро завршување на војната во Украина. Зошто Владата одлучи да нѐ стави во друшто на некое африкански земји коишто не делат никакви сличности од нас и притоа се оддалечуваме од сите земји во Европа и нашето соседство, во контекст на гласањето?“, праша Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.
Тој воедно и праша која е целта на последната посета на премиерот Христијан Мицкоски во САД и што побарала владата од новата администрација на Доналд Трамп.
„Многу зборува, а не покажува конкретни резултати“, истакна Филипче за досегашното работење на премиерот.
Во однос на последниот извештај на „Фридом хаус“ за пристапот на луѓето до политичките и граѓанските права и слободи во земјава, Филипче оцени дека е загрижувачки патот и смета дека слободата на говорот е симбол на демократско општество и беше симбол на борбата на Шарената револуција.
„Гледам некоја тенденција да се поврзе фондацијата ‘Сорос’ со овие истражувања кои се најавуваат во САД во однос на фондовите на УСАИД. Некои тенденции тоа да се залепи некако на СДСМ во некој контекст и сметам дека тоа е недозволиво и некоректно. Околу 100 илјади граѓани автентично се бореа против ограничувањето на слободата на говор и окупацијата на судските институции за времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, како и против прислушувањето. Граѓаните повторно ќе видат и ќе проценат дали тие демократски процеси има тендеција оваа Влада да ги спроведува. Не треба да се потцени енергијата и силата на народот, бидејќи ако забележат такви работи, пак ќе излезат на избори“, кажа Филипче на прес-конференција.