Амбасада на САД: „Бехтел“ не е државна фирма


 
 

„Бехтел не е ентитет на американската влада и ова не беше договор на американската влада“, пишува во одговорот на амбасадата на САД во Скопје за Алфа ТВ во однос на договорот на Владата на Северна Македонија со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.

Понатаму во одговорот на амбасадата се наведува дека „иако Амбасадата на САД не е вклучена во одредувањето на исходот од приватните инвестиции, поттикнувањето на економскиот развој и комерцијалното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија останува една од примарните мисии на Амбасадата“.

„Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор. Прашањата за преговарачкиот процес и резултатите треба да се упатат до преговарачките страни“, се вели во одговорот.