Амар Мециновиќ – Левица го објави кандидатот за градоначалник на Скопје


 

Како и што се очекуваше последниве денови, партијата Левица соопшти дека нејзин кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде пратеникот Амар Мециновиќ. Тоа на прес-конференција го објави претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Мециновиќ е еден од најударните пратеници на Левица во Собранието (од шестемина) и препознатливо лице на партијата. До ланските парламентарни избори тој беше советник во Град Скопје.

Мециновиќ кажа кои ќе бидат негови приоритети, потсети дека бил и советник во Градот. На прес-конференцијата тој ги нагласи неговите приоритети – јавниот транспорт, градската чистота, Генералниот урбанистички план, борбата со загадениот воздух.

„Левица сака да ги обедини сите кои се против ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Јавниот превоз ќе ни биде првиот примарен приоритет за кој ќе се залагаме. На нивна страна се парите и моќта, а за она што ние го нудиме тие немаат одговор. Ова е наша борба и наша приказна, за нашето Скопје. За граѓаните треба да биде јасно дека гласаат за политичка волја, која ни пресуди ние сега да немаме автобуси“, рече Мециновиќ

Лидерот Димитар Апасиев соопшти дека Левица ќе настапи со рекорден број на кандидати за градоначалници. „На минатите избори имавме осум кандидати, оваа година ќе одиме со над 20. Претходно имавме 38 советнички листи, а оваа година ќе одиме над 62. Ова покажува дека Левица прераснува од мала во средно-голема политичка партија“, рече Апасиев.