Алжир го отповика амбасадорот во Париз и го забрани воздушниот простор за француските воени авиони


Портпаролот на францускиот Генералштаб денеска соопшти дека Алжир им забранил на француските воени авиони да летаат над нејзината територија. Одлуката следува по коментарите на шефот на француската држава Емануел Макрон од пред три дена, по што Алжир одлучи на консултации да го повика својот амбасадор во Париз, Мохамед Антар Дауд, јави јавниот дифузер, цитирајќи официјална изјава од алжирското претседателство, јави дописникот на МИА.

Алжир отповикувањето го образложи со „отфрлање на какво било мешање во внатрешните работи на земјата“. Одлуката е мотивирана од изјавите на францускиот претседател за време на состанокот со потомци на протагонисти на алжирската војна, наменети да ја смират „оваа отворена рана од минатато“.

-Утрово, со поднесување на плановите за летање за два авиони, дознавме дека Алжирците го затвораат прелетувањето на нивната територија за француски воени авиони, изјави полковникот Паскал Јани, потврдувајќи ги информациите откриени од весникот „Фигаро“.

Француските воени авиони секојдневно го користат алжирскиот воздушен простор за да се приклучат или да го напуштат појасот Сахел-Сахара каде што се распоредени трупите на анти-џихадистичката операција „Бархане“. Според портпаролот, „тоа, меѓутоа, нема да влијае врз операциите или разузнавачките мисии извршени од Франција во Сахел“.

За време на својот говор објавен во Ле Монд, Макрон процени дека по независност на Алжир во 1962 година земјата била изградена врз основа на „меморијална-кирија“, одржувана од „политичко-воениот систем“. Тој, исто така, потсетил на официјалната историја, според него, „е целосно препишана и која не се базира на вистини, туку на говор на омраза кон Франција“.

Во своето соопштение за печатот, Алжир процени дека зборовите на Макрон „се неподнослив напад врз споменот на 5,63 милиони храбри маченици кои ги жртвуваа своите животи во нивниот херојски отпор кон француската колонијална инвазија, како и во славната националноослободителна револуција“.

Алжир, исто така, ги критикуваше „површните, приближни и тенденциозни проценки направени во врска со изградбата на алжирската национална држава, како и афирмација на националниот идентитет, кои се дел од добро излитената хегемонска концепција за односите меѓу државите“.

 „Оваа несреќна интервенција фундаментално се судира со принципите што треба да ја регулираат можната алжирско-француска соработка во однос на меморијата“, процени алжирското претседателство, кое во неа гледа „промоција на извинувачка верзија на колонијализмот“, оценувајќи дека „ништо и никој не може да ги ослободи колонизаторските сили од нивните злосторства, вклучително и масакрите од 17 октомври 1961 година во Париз, за кои Алжир и неговата заедница формирани во Франција се подготвуваат да го одбележат достоинствено “.

Односите меѓу Париз и Алжир веќе беа затегнати. Во средата, францускиот амбасадор во Алжир, Франсоа Гујет, беше повикан во алжирското Министерство за надворешни работи за да биде известен за „формален протест на владата“ по одлуката на Париз да ги преполови визите доделени на Алжирците кои сакаат да одат во Франција.

Париз во вторникот објави нагло намалување на бројот на визи доделени за државјани на Мароко, Алжир и Тунис, повикувајќи се на „одбивањето“ на овие земји да издадат конзуларни пропусници неопходни за враќање на одбиените имигранти од Франција.