Алтернатива отиде во опозиција, Гаши го обвини СДСМ за непромислен потег (Видео)

И покрај излегувањето од Владата Алтернатива ќе гласа за уставните измени, Гаши остро го критикуваше СДСМ, велејќи дека ја преминале етичката линија


 

Алтернатива излегува од владината каолиција и ќе делува како опозиција, најави претседателот на партијата Африм Гаши по завршувањето на состанокот на Централно собрание во партиското седиште во Тетово.

„Иако нашите довчерашни партнери ја преминаа и последната етичка линија и немаа трпение да ја чекаат ниту нашата одлука на Централното собрание, што доволно говори за нивниот политички морал, ние денеска се собравме да ја донесеме нашата конечна одлука во однос на новонастанатите околности. Ние одлучивме дека Алтернатива со сите функционери ќе биде опозициска партија”, рече Африм Гаши, лидер на Алтернатива.

Одлуката е донесена на состанокот на Централното Собрание на партијата.

„Ние во јануари 2022 година одржавме стабилизација, а во јули започнаа и преговорите со ЕУ. Сакам да се заблагодарам на сите функционери”, порача Гаши за времето кога влегле во Владата. Според него, во една година владеење има десетици успешни проекти на нивните кадри во здравството, дигитализацијата, енергетиката, социјалните, културните и образовните прашања и сето тоа без се случи без никаква корупциска афера.

Запрашан дали сепак од новата позиција ќе гласаат за уставните промени, Гаши рече – да. Тој со остри зборови го критикуваше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија

„Од друга страна имавме партија која не ги исполнува своите ветувања, која не знае што се европски вредности и дури и во етичка смисла не се достојни за партнерство “ – изјави Гаши.

Потоа ја правдаше одлуката минатата година да станат дел од Владата. 

„Со создавање на мнозинството кое не постоеше тогаш, ние во јануари 2022 година овозможивме стабилизација на владата и државата, додека во јули 2022 година и официјално беа отворени преговорите за Европската унија и со тоа заврши тридецениската транзиција во нашите земји.

Бидејќи нашата одлука беше политичка, ние со тогашниот претседател на СДСМ потпишавме и објавивме политички и уште еден кадровски договор, вториот како гаранција за спроведување на политичкиот договор, кој беше усвоен и од актуелниот премиер. И, иако точките од тој договор беа спроведени од наша страна, за жал, другата страна не го спроведе во целост ниту политичкиот, ниту пак, кадровскиот договор, а на крај тие – еднострано, речиси брутално – го раскинија и решија да го разделат патот со нас, вклучувајќи друга партија во парламентарното мнозинство. Ова говори многу, за жал говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување на договори и не ги почитува оние кои му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности“, рече Гаши.

Од партијата велат дека остануваат посветени на европскиот пат, на идеолошките определби, на политичката програма и на доблестите во кои веруваат.

„Секако дека ние ќе ја поддржиме секоја агенда во интерес на граѓаните и ќе бидеме бескомпромисни во борбата против секоја појава која е штетна за граѓаните. Но сметам дека СДСМ направи непромислен и ризичен потег за европските интеграции. Иднината ќе биде сведок дали сме биле во право или не. Да, ќе гласаме за уставни измени, за тоа нема дилема” – посочи Гаши, па додаде:

„Со ваквите потези ќе произлезе и дебаланс и во меѓуетничките односи”.

Запрашан што мисли кога споменува дебаланс, лидерот на Алијанса рече дека се креира перцепција дека СДСМ е заложник на Албанците.

„Тоа ќе предизвика меѓунационални недобри односи меѓу етникумите. Така некои политички партии кои се радикални, преку меѓуетничките односи ќе бидат посилни во Собрание. Најважно за нас е што партиите можат ова да го злоупотребат и да го стопираат европскиот процес. Ние работевме на релаксација на етничките односи. Вака ќе предизвикаме тензии меѓу Македонците и Албанците”, рече Гаши.