Алтернатива одлучува дали ќе остане во Владата


 

 Најтесното партиско раководство на Алтернaтивa попладнево во 16 часот ја започна седницата на највисокото тело Централно собрание со цел да оформири став околу одлуката дали и понатаму ќе биде дел од извршната власт. Партиските функционери се собраа во седиштето во Тетово, а според нивната најава околу два часа ќе трае седницата по што ќе ја известат јавноста за конечната одлука.

Тие пред два дена соопштија дека согласно статутарните одредби е одлучено конечниот став да го изградат преку Централното собрание, откако во меѓувреме беше официјализирано дека во владиното мнозинство се приклучува Алијансата за Албанците. Со предложената реконструкција на Владата АА добива министри во три ресори на Алтернатива.

-Со внимание ги разгледуваме сите околности кои ги нарушуваат принципите врз кои требаше да почива европската коалиција. Особено начинот на кој некој го потценува нашиот учинок пред 12 месеци за спас на владејачкото мнозинство, изборот на Димитар Ковачевски за премиер и следствено обезбедувањето на почеток на преговори со ЕУ. Водејќи се од тоа што е најдобро за иднината на државата и за иднината на Алтернатива расудуваме трезвено, без емоции целосно свесни за предизвиците кои не очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на било каков начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат, порачаа деновиве од партијата.

Алтернатива е дел од извршната власт од декември 2021 и има тројца министри – за здравство, информатичко општество и еден министер без ресор, тројца заменици министри и  функционерски места во повеќе централни и подрачни институции. Со Предлогот за реконструкција на Владата, што уследи по одлуката за проширување на владиното мнозинство со Алијансата за Албанците, Ковачевски побара разрешување на министрите на Алтернатива.

Од СДСМ  вчера порачаа дека Алтернатива е добредојдена и како што рече партискиот портпарол и пратеник Дарко Каевски, вратата е отворена за некаква наредна соработка, не само кон оваа, туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба. Каевски изјави дека на партијата на Африм Гаши и била понудена опција за продолжување на соработката  и дека СДСМ  јавно соопштил оти има намера соработката да продолжи.

-Дадовме простор и предлог-решенија со својот кадровски потенцијал да дадат придонес во коалицијата, но, за жал, не дадоа свој предлог, со што де факто одлучија да ја прекинат соработката до овој момент.  Партијата е добродојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, но не само кон Алтернатива туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, рече Каевски.

Од власта не дадоа прецизен одговор со колкава бројка на пратеници располагаат во Собранието. За одговор на ова прашање порачаа да се причека собраниската седница за реконструкција на Владата на која јасно ќе се види колкаво е мнозинството.

На вчерашната листа на Ковачевски за разрешување се најде и заменик министерот за одбрана Башким Хасани, кадар на ДУИ, но дел од огнената група. Оваа група која во Собанието брои најмалку 3ца пратеници досега јасно стави до знаење дека е против влезот на Алијанса, на што гледаат само како на спас на Артан Груби.

И поддршката од пратеникот Павле Трајанов е неизвесна. Демократски сојуз конечен став за ова прашање ќе гради на состанок утре, откако претходно изразија незадоволство од распределбата на ресорите, но потсетија и дека досега не е реализиран ниту еден приоритет од нивната програма.