Алтернатива на договорот меѓу ЕУ и САД би била трговска војна, вели врокомесарот за трговија Шефчович

Единствена царинска стапка од 15 проценти, 750 милијарди долари во стратешки енергетски набавки од САД и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија, се клучните столбови на трговскиот договор постигнат вчера меѓу ЕУ и Соединетите Држави, изјави денеска на прес-конференција еврокомесарот за трговија Марош Шефчович.
– Ако треба овој договор меѓу ЕУ и САД да го сумирам во една реченица, би рекол дека тој носи обновена стабилност и ја отвора вратата за стратешка соработка. Од самиот почеток бевме убедени дека нашите трансатлантски односи заслужуваат договор и затоа мојот тим и јас бевме десет пати во Вашингтон, рече Шефчович.
Тој додаде дека договорот е резултат на неколкумесечни искрени и неуморни напори посветени на резултат во интерес и на ЕУ и на САД, кој притоа ќе обезбеди продолжување на меѓусебната трговија. Според него, алтернатива на овој договор би била трговска војна.
– Трговската војна може да изгледа привлечна за некого, но таа носи сериозни последици. Со царина од најмалку 30 проценти нашата трансатлантска трговија би била ефикасно запрена, ставајќи во опасност близу пет милиони работни места, пред се оние во малите и средни претпријатија, нагласи Шефчович.
Еврокомесарот додаде дека договорот опфаќа и значајна листа на стоки за кои и ЕУ и САД ќе применуваат нулта царинска стапка, која останува отворена за понатамошни дополнувања, поставува јасни перспективи за создавање заедничка заштита од глобалниот вишок на челик, алуминиум, бакар и нивните производи преку царински квоти за преференцијален третман и намалување на царините за извозот на европски автомобили на американскиот пазар од сегашните 27,5 на 15 проценти.
– Ова ќе ја подобри нашата глобална позиција и ќе го зајакне нашиот синџир на вредности, истакна Шефчович.
Тој нагласи дека договорот предвидува и стратешки набавки на гас, нафта и нуклеарно гориво од САД, но и купување на американски чипови за вештачка интелигенција, со што ќе се зајакне технолошка предност во корист на двете страни.
– Се на се, ова е договор кој треба да генерира значајни и взаемни придобивки и се надевам дека ќе биде чекор кон поширок договор за трговија и инвестиции меѓу ЕУ и САД во иднина, а воедно ќе ги поттикне и нашите заеднички напори за справување со итни глобални предизвици, како што е многу потребната реформа на СТО, рече Шефчович, додавајќи дека за содржината на договорот ЕК претпладнево ги информирала земјите членки на ЕУ и Европскиот парламент.