Алтернатива го одржува својот Прв конгрес, 600 делегати одлучуваат за ново партиско раководство


Во присуство на бројни гости, 600 делегати, како и членови на партијата, Алтернатива денеска во големата сала на „Филхармонија“ го одржува Првиот конгрес на кој што ќе се избира нов претседател на партијата и ново партиско раководство, соопштија од партијата.

Во своето обраќање пред присутните во салата претседателот на партијата, Африм Гаши истакна пристапувањето во политиката е поттикнато од интелектуална и морална должност. Гаши потенцираше дека Алтернатива денеска е дел од Владата не поради страст кон власта, туку затоа што, како што рече, ја сакаме државата.

„Во време кога државата беше во грч и кога тоа стана и прашање по нејзината стабилност, неуспешниот обид за формирање на ново мнозинство, неможноста да се изгласаат нови избори и ризикот кој и се закануваше на државата во однос на европската перспектива во таква состојба на нестабилност, беа причините кои не притискаа да донесеме ваква одлука“, истакна Гаши нагласувајќи дека Алтернатива е првата албанска партијата која стана дел од една влада со потпишан договор.
„Покрај точките кои се веќе реализирани и другите кои се во тек, сакам да истакнам дека го имаме потполното разбирање и подготвеност на владиниот кабинет тој договор да се реализира доследно и целосно. Но, поаѓајќи од одговорноста дека реализирањето на тој договор не треба да биде во стилот да се тргне од дневен ред, туку да биде и квалитетно исполнување и да има позитивни ефекти, ние секогаш сме барале поволен момент за да го ставиме на дневен ред. Сепак, сакам јавноста да биде спокојна, бидејќи кога и да се случат нови избори, ние ќе излеземе пред јавноста и ќе дадеме отчет за тоа колку и каков е квалитетот на реализација на секоја точка од нашиот договор“, рече претседателот на партијата Гаши.

Пред делегатите и партиските членови претседателот Гаши истакна неколку приоритети на партиското раководство на претстојниот период за кои што рече ќе бидат основна задача во работењето и залагањето на Алтернатива како дел од актуелната Влада.


„Приоритет над приоритетите, е интеграцијата. Иако, како што сме рекле во нашиот слоган, секогаш и сешто има алтернатива, во актуелниот геополитички контекст само интеграцијата е без алтернатива. Тоа е и поводот зашто баравме и советувавме дека преговорите со Република Бугарија треба да се преместат од темата на толкување на историјата во толкување на иднината, на развојот и соработката, така што утре историјата ќе не запамети како европски соседи кои некогаш знаеле да се помагаат меѓу себе за доброто на нивните граѓани“, рече Гаши.
Меѓу приоритетите Гаши ги наведе и обезбедувањето правда бидејќи без правда, без правна држава, нема ни кохезија, ни внатрешна доверба, ни функционална држава, ниту европски аспирации. Меѓу главните заложби ги наведе и економскиот развој и растот на платите сразмерно на потребите на граѓаните, како и изборен модел кој што ќе биде израз на вистинската демократска волја.

Свое обраќање имаше и генералниот секретар на партијата, Беким Сали кој истакна дека во Алтернатива членовите и раководството секогаш се таму каде што бараат обврските, а не онаму каде би имале личен интерес.
„Мојата Алтернатива ме предизвика и со одговорноста да да оставиме позитивен белег во здравствениот сектор. Ние сме целосно посветени и насочени кон радикално подобрување на системот. Градењето на новиот клинички центар ќе биде работа којашто можеби нема да заврши во нашиот мандат, но доколку успееме да го започнеме – секако со поддршка од сите парламентарни политички партии – ќе биде голема победа за целото наше општество и остварување на сонот на многу генерации. Затоа, побарав од партијата да има разбирање и да ме ослободи од партиските обврски за да им се посветам на професионалните обврски“, рече Сали.

За улогата на жените во партијата, како и за зачувувањето на семејството зборуваше претставничката на Форумот на жени и пратеничка во Собранието, Сафие Садики, а за улогата на младите, претставникот на Младинскиот форум, Афан Елези кој во обраќањето рече дека присуството на младите во партијата никогаш не беше само украс и бројка, туку реална содржина.
По свечениот дел, Конгресот продолжи со работниот дел на кој што делегатите ќе треба да дискутираат и ќе гласаат за избор на нов претседател и нов состав на Централниот совет на партијата.