„Ало 091, ало Скопје, критично е, дојди на Критична маса“: Идната среда ќе се вози „Критична маса“

Во среда идната седмица ќе се вози 91-та Критична mаса во Скопје, известија од „На Точак“ – групата ентузијастви за подобро велосипедско Скопје. Ќе се тргне од плоштадот „Македонија“.
– Од мај 2012 досега 90 пати сме ја возеле “официјалната“ критична маса групно по улиците праќајќи осмислена порака важна за велосипедскиот сообраќај, велат од „На Точак“.
Оттаму алармираат дека состојбата во Скопје во поглед на одржливоста на сообраќајот, безбедноста, состојбата со јавните простори, вклученоста на граѓаните не само што престана да се подобрува, туку почна и да се влошува.
– Зборот, пак, „критично“ од слоганот за кризата во однос на ситуацијата во Скопје, се поклопува со името на настанот „Критична маса“ кој подразбира доволна бројка на луѓе кои ќе направат промена. Се надеваме дека имаме доволно критична маса за оваа криза (на кинески зборот криза се формира од зборовите опасност + можност) да ја претвориме од опасност во надеж! – додаваат организаторите на „Критична маса“.
Скопје заслужува подобри градоначалници и општински совети, луѓе кои нема да се бават со ситни теми, туку радикално ќе го подобрат градот! Креваме слушалка заедно кон Скопје и му велиме:
„Ало 091, ало Скопје, критично е, дојди на Критична маса“.
Среда, 17:30, Плоштад Македонија.
Дојди. Возиме. Бараме промена, заклучуваат оттаму.