Алкалоид од петтата позиција го дочекува последното коло на Светското шаховско првенство во Струга


 Претпоследното 8. коло од Светското екипно првенство во шах за сениори донесе нов триумф за тимот на Алкалоид во категоријата на играчи над 50 години, при што овојпат е совладана селекцијата на Канада.

 

Три партии завршија со поделба на поенот, а една со победа на ВМ Трајко Недев, со што беше обезбедена и победата на вчерашниот меч со Канаѓаните. 

Ремизираа Кирил Георгиев, Звонко Станојоски и Роландо Кутиров.

 

– Ја добивме екипата на Канада со 2,5 : 1,5. Очекувавме повеќе, но на победата не ѝ се гледа в заби. Во следното коло играме со третата селекција на Англија и со нова победа ќе го одржиме местото на кое сме сега на табелата. Во добра тимска атмосфера и во одлично расположение го чекаме последнот меч, изјави капитенот на ШК Алкалоид, Драган Јаќимовиќ.

 

Во вчерашното коло и македонската репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти ја совлада Шведска со 2,5 : 1,5 во категоријата на играчи над 50 години.

 

На табелата водат репрезентациите на САД и на Италија со по 13 бода, Исланд и Англија 1 имаат по 12 бода, додека, пак, Алкалоид е петти со 10 бода.

 

Репрезентацијата на ветерани (играчи над 65 години) беше поразена од Австрија со 3 : 1, а утре ќе игра со Ирска, при што има изгледни шанси за нова победа во дуелот со Ирска.