Алиу: Пералната на Клиничкиот центар е како од пред половина век


Фото: Б. Грданоски

 Во пералната на Клинички центар „Мајка Тереза“ бев пред месец ипол, два. Им се извинив на сите 11 вработени во пералната. Дефинитивно ако влезете таму се враќате минимум 50 години назад и инфраструктурно и со опрема внатре и технологија. Во моментов и да сакаме да инвестираме во неа нема да можеме. Имаме јавно приватно партнерство со една приватна компанија од 2019 година. Оттогаш досега компанијата инвестирала во една јавна здравствена установа во делот од таа инфраструктура за стерилизација и земена е под менаџирање пералната во Клиничкиот центар, истакна министерот за здравство Азир Алиу.

Појасни дека од Државниот санитарен и здравствен инспекторат написмено известиле дека фирмата не ги задоволува ни минималните услови да работи и свесни за тоа анализирале што може понатаму.

– Вработените подолг период немаат плати. Ние се справуваме месец месец и ипол со фирмата да има чисти чаршафи. Компанијата денеска достави писмено барање за да може да се отстапи таа институција, значи пералната на Клинички центар, и со такво барање и извештајот од Министерството денес ја известив Владата дека понатаму ќе мора со институцијата да се справуваме ние како држава и да ракуваме. СОЗР и Министерството ќе менаџираат. Периодот не е поволен, бидејќи сме пред избори. Ништо во оваа фаза нема да можеме како Министерство ни да отвораме јавна набавка, ни да можеме да ги исплатиме вработените во пералната. Периодот од сега до завршување на изборите ќе трае месец ипол два, рече Алиу во вечерашната Топ Тема на ТВ Телма.

Посочи дека утре во 8 часот свикал состанок за да може да утврдат кои ќе бидат насоките од нивните експертите за да се справат со таа институција.

-Уверувам дека ниедна клиника нема да остане без услуга. Некои од клиниките имаат локални перални, ќе ги искористиме, ако има потреба ќе креираме и втора и трета смена. Исто така ГОБ „8 септември“ и Градската болница имаат перални и ќе ги здружиме силите за инфраструктура и човечки ресурси за да може овој период да излеземе во пресрет на сите клиники, додаде Алиу.