Алијансата за Албанците викендов ќе решава за влез во Владата


Фото: Б. Грданоски

Алијансата за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата, оценувајќи дека во спротивно ќе бидат неопходни  предвремени парламентарни избори. Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката.

Наспроти единствената позиција на Ковачевски и на Ахмети за проширување на владиното мнозинство, против влезот на Алијанса во власта остануваат Алтернатива, која одбива да отстапи ресор, „огнената група“ од ДУИ и Демократски сојуз.

Од Алијанса се воздржани како ќе пресечат. Велат дека не се толку битни ресорите, туку дали со власта ќе се „најдат“ со позициите околу битката против корупцијата. Во партијата се поделени размислувањата дали треба да станат дел од мнозинството. Според некои партиски математики на Алијанса, опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди 61 пратенички глас за уривање на Владата, за што би гласале и пратеници од СДСМ и од ДУИ.

Од Демократскиот сојуз, пак, порачуваат дека наместо сегашните преговори за приклучување на Алијанса во власта, СДСМ, а особено ДУИ, треба итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите. Оттаму додаваат дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните начела за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.

Паралелно, средби со граѓаните деновиве одржуваат и членовите на „огнената група“. Тие вечерва во Скопје одржаа средба со скопскиот подмладок на партијата, по што Изет Меџити рече дека влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата „би било за спас на Артан Груби“.

„Непотребни се некои движења деновиве што се случуваат бидејќи има стабилно мнозинство и сѐ друго е во функција да се спаси Артан Груби. Нема ништо заедничко со интересите на граѓаните, со интегративниот процес, со уставните промени, туку сево ова е акробација во функција да се спаси, зборувам за делот на ДУИ кој е нелегитимен кај народот“, рече Меџити.