Алијансата за Албанците: Никогаш нема да прифатиме Албанците да бидат граѓани од втор ред

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира со длабока загриженост на, како што оценува, континуираните практики на институционална дискриминација и систематското исклучување на Албанците од процесите на донесување одлуки на државно и локално ниво.
-Етничката еднаквост не е привилегија, туку уставно право и фундаментален принцип врз кој се гради унитарниот карактер на државата. Секое кршење, заобиколување или деформација на овој принцип не само што ја нарушува социјалната правда, туку ги поткопува и темелите на коегзистенцијата и самата институционална кохезија на државата.
Обидите да се препишат правилата за претставување на начин што фаворизира една етничка припадност пред друга се неприфатливи и претставуваат регресија кон практиките на моноетничка доминација. Доколку оваа политичка линија продолжи, државата нема да може да го одржи својот унитарен карактер, туку ќе се лизне кон функционална фрагментација и внатрешни кризи.
Алијансата за Албанците никогаш нема да прифати држава каде што Албанците се третираат како граѓани од втор ред. Решително ќе ги браниме нашите колективни права и ќе се спротивставиме на секоја иницијатива што се обидува да ја наруши рамнотежата изградена со големи политички жртви. Еднаквоста не е политичко барање – таа е услов за стабилност, порачуваат од Алијансата за Албанците откако претходно и Бујар Османи го стави под прашалник спроведувањето на Охридскиот договор од власта.