Алијансата на Таравари: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се шампиони на клеветата
ВМРО-ДПМНЕ ги негира наводите дека Мицкоски рекол оти „Никогаш нема да се случи членството на Северна Македонија во Европската унија“

Крилото на Арбен Таравари на Алијансата за Албанците денеска соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски биле шампиони на клеветата.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски фрлаат отров, станува јасна една непобитна вистина: тие се шампиони на клеветата и ништо од тоа што го зборуваат не држи. Редовните клевети што ни ги сервира ‘Белиот дворец’ се само очајнички обиди да се пренасочи вниманието на јавноста од нивните постојани неуспеси.
ВМРО-ДПМНЕ беше во локална коалиција со Алијансата за Албанците, а до вчера и на централно ниво. Чудно е зошто досега немаа ниту една забелешка кон АА и претседателот Арбен Таравари, додека денес, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни“, вели партијата во соопштението.
Во него се нагласува дека Арбен Таравари и Алијансата за Албанците не се резерва на никого. „Решивме без ни најмалку жал или двоумење да излеземе од оваа антиалбанска и антиевропска влада, покажувајќи дека АА не може да се уценува, да се купи или да се продаде“, велат оттаму.
Во соопштението се наведува дека Мицкоски во затворен круг изјавил: „Никогаш нема да се случи членството на Северна Македонија во Европската унија“ и се нагласува дека „антиалбанските и антиевропските ставови на Мицкоски повеќе не се јавна тајна. Тој често ја предава својата свест повторувајќи јавно тоа што го зборува во партиските канцеларии. Неговата последна изјава дека ‘уставните измени нема да се случат ниту пред, ниту по локалните избори’ е јасен доказ за саботажа на европскиот пат’“.
АА му препорачува на Мицкоски да ги прекине врските со Москва, Будимпешта и Белград и да престане да биде промотор на „српскиот свет“.
На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ со свое соопштение во кое вели дека премиерот Мицкоски никогаш не кажал такви зборови како што се наведуваат.
„Алијанса на Албанците на Арбен Таравари треба да научи дека кога неосновано критикуваат и измислуваат, притоа ставаат зборови во уста кои не биле кажани од премиерот Мицкоски, ќе добијат аргументиран и издржан одговор. А вистината зошто излегоа од Владата не се крие во грижата на Таравари за Албанците ниту пак борбата за некакво подобрување на нивните права.
Членовите и заинтересираните за вистината одговорите нека ги побараат во една инвестиција на Таравари што се вика ‘Ѓока’“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.