Алијанса и Беса – заедно или одвоено во иднина?


Политичките партии од албанската опозиција се мобилизираат, велат дека се добро подготвени за претстојните парламентарни избори, кога и да се одржат, но сè уште не одлучиле дали ќе направат коалиција. И од едната и од другата партија велат дека и сами, без да соработуваат меѓу себе, ќе бидат победници на претстојните избори. Сепак, најновата анкета спроведена од „М-проспект“ не го кажува тоа: ДУИ сè уште е на врвот со 5,1 отсто, следена од Алијансата за Албанците со 4,2 отсто и Беса со 2,1 отсто.

Ако се направи една едноставна анализа, обединета албанската опозиција може да ја порази ДУИ, а тоа можеше да се случи на парламентарните избори во 2016 година, како и на локалните избори во 2017 година. Но сето ова не успеа поради недостиг на коалициски капацитет на албанските опозициски партии. Неуспехот да најдат заеднички јазик ѝ овозможи на ДУИ да добие уште еден мандат. Ова остава впечаток дека кај албанските политички партии и натаму доминира комплексот кој ќе раководи и кој ќе биде лидер на коалицијата.

Од Алијансата за Албанците велат дека без оглед на соработката со друга политичка партија, врз основа на релевантните агенции и оние внатрепартиските, тие ја надминале ДУИ и се првата партија во албанскиот политички кампус. Портпаролот на партијата Флакрон Беџети рече дека како партија секогаш се отворени за соработка со други политички сили, но дека е премногу рано за тоа.

„Ние сме убедени дека на следните парламентарни избори, кога и да се одржат, ќе победиме. Албанските гласачи, по две децении владеење на ДУИ, имаат многу причини да направат промена. Очигледно е потребно достоинствено претставување, со добро обучен кадар и политички програми со кои ќе се подигне нивото на застапеност што го заслужуваат албанските гласачи. Во однос на соработката со други албански политички сили, досега сме докажале колку сме биле коректни и отворени за соработка со политички сили кои сериозно сакаат да направат промена и да им обезбедат на граѓаните подобар живот од сега. Сепак, сега е премногу рано за овие пресметки и коалиции, вистината е дека Алијансата за Албанците секој ден расте и ги добива симпатиите на албанскиот електорат, што се очекува да се покаже на следните парламентарни избори“, изјави портпаролот на Алијансата за Албанците, Флакрон Беџети.

Речиси исто велат и од Беса. Тие се уверени дека на претстојните парламентарни избори сами или со опозициска соработка ќе победат во албанскиот политички камп. Портпаролот на оваа партија Елмедин Мемиши вели дека нивниот сериозен ангажман придонел за зголемување на нивната политичката тежина, слично како во 2016 година, кога Беса беше многу блиску до победата.

„Дури и внатрешните анкети што ги правиме покажуваат дека поддршката на албанската опозиција, во споредба со ДУИ, е далеку поголема отколку во анкетите што се објавуваат. Ќе продолжиме со нашата подготовка и стратегија, во согласност со определбата на централниот комитет и убедени сме дека на претстојните избори, без разлика дали сами или со опозициска соработка, ќе победиме во албанскиот политички камп. Во овој период нашиот фокус е поголемо присуство меѓу народот бидејќи оттаму доаѓа вистинска политичка сила. А што се однесува до можната соработка, тоа ќе го оценуваме на време, според очекувањата на албанскиот електорат“, рече портпаролот на Беса, Елмедин Мемиши.

Села и Касами на претседателските избори со поддршката на Блерим Река за претседател покажаа дека знаат и можат да соработуваат, но дали и понатаму ќе продолжат на овој начин или повторно нема да најдат компромис како во 2016 година, останува да се види во иднина.

Арменд Мурсели