Александар Николоски пак е во Будимпешта, денес се сретна со министерот за одбрана

По којзнае кој пат вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, повторно е во унгарскиот главен град Будимпешта. Тој денеска се сретна со министерот за одбрана, Кристоф Салај Бобровнички.
На средбата се разговарало за партнерството меѓу двете земји, соработката во делот на одбраната, како важен дел во остварување на целите на НАТО алијансата.
Николоски, според соопштението од министерството, рекол дека Македонија е рамноправен партнер во НАТО сојузот и во своите капацитети дава сериозен придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност.
Тој нагласил дека Македонија со своите политики дава огромен инпут во регионалниот развој и станува земја пример за регионална соработка со што покажува огромен капацитет за постигнување на европските вредности.
На средбата исто така се отвориле прашања за нови можности за соработка меѓу двете земји во делот на одбранбениот сектор, истакнувајќи го фактот дека Македонија нуди сериозен инвестициски потенцијал.
Министерот Бобровнички неодамна се најде во центарот на политичка афера откако беше објавен негов говор од април 2023 година. Во тој говор, Салај-Бобровнички зборува за тоа како Унгарија се збогува со својот „менталитет на мир“ и преминува во „нулта фаза на војна“. Тој не кажува конкретно за каков вид војна станува збор, но рече дека само сакал да нагласи дека Унгарија е подготвена да го брани својот мир. Но, изјавата е во спротивност со мантрата на Орбан дека Унгарија е единствената земја во ЕУ што сака мир.