Алберт Муслиу до Бугарија: Ние не сме компјутери, па да нѐ рестартирате
На келнерот во ресторанот, на метaр од автопатот што води кон родниот Гостивар, гостин му се обраќа на мајчиниот албански јазик, кој всушност извесно време е официјален покрај македонскиот. Неговата заедница е најголемиот „дел од народот“ во македонскиот устав, каде што наскоро може да се најдат Бугарите. Тој повеќе учел за партизаните како Сава Ковачевиќ отколку, на пример, за Албанците во Отоманската империја.
„Сè уште учам историја“, вели тој и не крие дека настрадал од југословенската војна.
Меѓутоа, ниту тој, ниту голем дел од неговите сонародници не ја разбираат Бугарија во барањата со кои таа го блокира патот на неговата земја кон Европската унија – или барем не на начинот на кој Софија го направи тоа.
„Идентитетот е лично чувство: или го имаш или го немаш“, вели за „Дневник“ Алберт Муслиу, извршен директор на Агенцијата за демократски иницијативи во Гостивар. „Можете да го промените, но доброволно, како што се прави во САД. Османлиите, на пример, со векови сакаа насилно да ги асимилираат Албанците: не можеа. Присилното зближување не функционира. Американската хегемонија не успеа со армијата, но со Кока-Кола, Левис, Интернет, „Гугл“ и „Епл“, полесно е да се прифати. А, на силата се одговара со отпор“.
Неговите зборови го олицетворуваат ставот искажан барем јавно од претставниците на Албанците во Северна Македонија. Тие не се „трета страна“ во спорот меѓу Бугарите и Македонците, бидејќи исходот директно ја одредува нивната судбина. И со нивното политичко претставување тие не се само пасивни набљудувачи, бидејќи се меѓу четвртина и третина од македонското население.
Дел од барањата на Бугарија е спорот за минатото на нешто повеќе од половина од жителите на земјата . Од другите групи, Албанците се најголема – односно 24% или нешто под 30%. Зошто, сепак, во оваа голема заедница, чиј став Бугарија не го зема предвид, односот кон ваквите кризи не е недвосмислен, но може да биде одлучувачки?
Албанските и македонските претставници неодамна се скараа околу она што стана познато како „француски“ предлог за спорот меѓу Софија и Скопје. Пред неколку дена имаше и јавна размена на реплики меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали Албанците ќе прифатат отстапки за идентитетот поврзан со Скендербег (дали е тој Србин) или со знак за еднаквост меѓу Албанците во Албанија и Македонија или Црна Гора.Османи одби да ги дели „Македонците“ и „Албанците“. Одговори од позиција на лидер кој сака да „гарантира дека народот, селата, фолклорот, песните ќе останат македонски етнички и никој да не спори“.
Звучи како порака од министер Албанец до сите Македонци. А, не беше секогаш така. Албанец стана министер за надворешни работи за прв пат во 2020 година (претходно имаше албанско учество во различни кабинети, но на пониско ниво). Во 1980-тите, заедно со тензиите во Косово, југословенските власти ги заострија правилата. Додека во комунистичка Бугарија имињата како Хасан се менуваат, во југословенска Македонија остануваат дозволени. Но, Албан, Саранда или други „националистички“ беа забранети, а не беа дозволеми и некои песни. Помошта за семејствата со повеќе од две деца беше ограничена (за да се запре албанскиот демографски раст), а училиштата имаа асимилаторска политика.
Независна Македонија, инаку единствена што мирно се одвои од Југославија, го прави македонскиот единствен официјален јазик, а во заладените односи со соседна Грција и неизвесноста во оние со Бугарија, акцентот во политиката и образованието е ставен на етничкиот идентитет. Албанските сили одржуваат симболичен референдум за да ги одвојат северозападните територии за да покажат дека се чувствуваат дискриминирани и покрај посветеноста на меѓуетничкиот дијалог. Тој кулминираше со конфликт меѓу македонските сили и Ослободителната народна армија (ОНА), предводена од Али Ахмети кој за малку ќе се претвореше во граѓански војна. Ахмети е меѓу потписниците на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој го отвора патот за мултиетничка Македонија, со права за помалите заедници, со устав во кој место би можела да најде и Бугарија.
Не е сепак без облаци во односите меѓу Македонците и Албанците: во 2017 година, барањата за спроведување на делови од Охридскиот рамковен договор и двојазичноста вклучени во него беа искористени како причина за разгорување на политичката тензија, која заврши со доаѓањето на власт на социјалдемократите и Зоран Заев. Оттогаш, повеќе од една влада ја промовираа Северна Македонија како пример за етнички соживот (и покрај некои превирања). Зад овој мир, етнички модел, се крие заедничката цел на Албанците еден ден сите да бидат заедно во ЕУ.
Оваа клучна цел се почувствува и во зборовите на лидерот на водечката албанска опозициска партија „Алијанса на Албанците“, Зијадин Села. Пред осум месеци се обиде да ја урне власта со здружување со ВМРО-ДПМНЕ. Неделава објави дека го поддржува „францускиот“ предлог, во име на „стабилноста“: не застана зад опозицијата со која инаку често се согласува, туку се солидаризираше со албанската партија на власт, која прва го поддржа предлогот. Односот кон ЕУ остро ги разликува Албанците и Македонците.
„Додека за прв пат кај етничките Македонци поддршката за ЕУ е под 50%, кај етничките Албанци и кај сите освен кај Србите таа е многу висока“, вели Димитар Николовски, извршен директор на „Евротинк“ за најновото истражување за ставовите на неговата организација. Според него, Албанците се повеќе склони кон компромиси со Бугарија бидејќи тие се помалку лично погодени. „Но, се гледа дека политичките партии на Албанците барем декларативно се солидаризираат. Но гледаме и спорови на социјалните мрежи, има и други позиции, на пример: зошто ние Албанците да страдаме поради вас? И Албанија страда.“
Ваквиот став за „Дневник“ го искажа барем еден претставник од споменатите политички партии, иако недвосмислено застана на страната на родната Северна Македонија.
„Ние Албанците сме индиректна штета и не можеме да се интегрираме во ЕУ бидејќи Македонците и Бугарите имаат спор“, вели Арта Билјали Зендели, пратеник од водечката албанска партија ДУИ.
Според соговорник на „Дневник“ од академските кругови, кој, сепак, поради својата позиција не сака јавно да коментира, Албанците ја разбираат состојбата на Македонците, иако се свесни дека спорот им го блокира патот кон ЕУ. „Не можеме да бараме од Македонците нешто од што ние не би го отстапиле“, објаснува тој.
„Ние се солидаризираме со нашите сограѓани Македонци, никогаш не сме се расправале за ништо, без разлика дали се работи за историја, јазик или култура“, рече самиот Ахмети претходно оваа година.
Коментарот на Зијадин Села за „францускиот“ предлог потсети дека некои Албанци имаат прашања за начинот на кој нивниот јазик е дефиниран од македонската држава.
„Разбирам како се чувствуваат Македонците кога некој ќе им каже дека нивниот јазик треба да се нарекува само „официјален јазик на државата. Затоа што јас сум во позиција каде што мојот јазик, јазикот на мајка ми, е дефиниран со уште поскандалозна дефиниција (јазик што го зборуваат 20%)“. Албанскиот е всушност вториот официјален јазик бидејќи го зборуваат над 20% од народот на Северна Македонија.
Во Скопје, многу Албанци всушност се солидаризираат со својата татковина. Во Северна Македонија, „Дневник“ не наиде на ниту еден Албанец со симпатии кон Бугарија во спорот, но според медиумските публикации има: на пример, поради насобраните чувства од времето кога односите меѓу Македонците и Албанците биле покомплицирани и во медиумите во Скопје пишуваа за „албански национализам“, а Албанците се нарекуваа „шиптари“.
„Ако јас ја разбирам љубовта кон Албанецот како омраза кон Македонецот, не е во ред. Не чувствувам дека мојот идентитет е загрозен. Но, кај Македонците, идентитетот е лесно ранлив поради актуелната политика. Затоа, пристапот пред три години требаше да биде помек. Не ти треба идентитет кога веќе си возрасен. Ние не сме компјутери па да не рестартирате“, вели Алберт Муслиу.
Според Муслиу, тензиите како македонско-бугарските околу културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола зборуваат за несозреан идентитет ако се спореди со состојбата на Албанците. Во неговиот роден Гостивар голем плоштад се вика „Маршал Тито“, а главната улица „ЈНА“. „Албанците не беа заљубени во Тито, но не полудеа“, забележува тој.
„Албанците гарантираат дека нашата земја ќе се однесува нормално“, продолжува тој; Тоа повеќе се однесува на политичарите отколку на општеството.
„Албанците се коректив на владата. Ние немаме интерес за лоши односи со Бугарија. Неприродно е што нема коридор Драч-Бургас . Ние сме заинтересирани за соработка исток-запад. Физички треба да патувам за Софија и Тирана за час и половина, а сега патувам четири часа за Софија и три и пол до Тирана“, додава тој.
Односот на Албанците во спорот со Грција и тој со Бугарија не може да се споредува. Тогаш имаше силен притисок од албанскиот блок врз властите да прифатат компромис. Сега политичарите изјавуваат солидарност. Зошто? Поинаку е, смета Муслиу. Албанците можеа да го прифатат прашањето за името додека не почна да му наштетува на колективниот интерес – сите Албанци да бидат во ЕУ и НАТО.
„Во 1990-тите македонските политичари се занимаваа со тоа кој е поголем патриот, но тоа не ни наштети “, вели Муслиу.
Тој веројатно мисли на одлуката на ДУИ, како водечка албанска партија, да не коалицира со најголемата партија по изборите во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ туку да го избере СДСМ, среде политичка криза, спорови за албанската платформа и немири кои подоцна влегоа во историјата како „крвавиот четврток“. Новото мнозинство ја водеше својата земја напред: до договор со Бугарија, до договор за името со Грција, а со тоа и до НАТО (како што станува сè поверојатно и до ЕУ).
„Да не го потпишеше Заев Договорот од Преспа, да не влезевме во НАТО, државата ќе имплодираше. Интересот на Албанците е јасен. Ако сакавме Голема Албанија, ќе направевме „Република Албанија“, како Република Српска во Босна. Нашиот интерес е различен, јасно е: нашата колективна цел е да бидеме заедно во сојузите, во НАТО и ЕУ“, вели Муслиу.
А во целта е тешко да се сомневаме: последното истражување на „Еуротинк“, за кое зборуваше и Николовски, покажа дека 90 отсто од Албанците се „за“ влез во ЕУ. А сепак, да зборуваме за етничка имплозија?
„Да, интересите би се разделиле“.
И дали одложеното членство во ЕУ може да ја предизвика истата криза?
„Не. Затоа што од една страна, барањата (на Бугарија) се ирационални“, продолжува Муслиу. „Наидовме на тенденции на негирање на идентитетот: на нив гледаме на поинаков начин. Да се каже дека Александар Македонски бил антички Македонец е неточно. Но, можеме само да се солидаризираме со Македонците во спорот со Бугарија“, порачува тој.
А академскиот извор на Дневник инсистира дека има разлика. Името беше нешто што сите заедно требаше да го одлучат, а Албанците не можеа да си дозволат да не бидат на маса. Во случајот со Бугарија, напротив, на Албанците не им е тешко да се солидаризираат со своите сограѓани: тие знаат како е да ви наметнуваат конкретно читање на историјата, да ги злоупотребуваат вашите права и да се обидуваат да навлегуваат во вашиот идентитет.
„Едно е името, друго е јазикот. Името нè засега сите нас. Сите ние одлучуваме како да ја нарекуваме државата во која живееме. А, како го нарекуваат својот јазик, секоја заедница одлучува“, продолжува соговорникот.
Муслиу не зборува на темата само од позиција на македонски Албанец, туку и какоа македонски државјанин. Според него, кој и да се обиде да ги убеди Македонците дека ветото од Софија е производ на политички калкулации нема да успее бидејќи „не е така лесно кога ќе излезе сериозен државен претставник од Бугарија и ќе каже: Вие не постоите“.
Има и друг системски проблем: „45 години нашиот мозок беше навикнат да функционира според логиката север-југ. Бевме една земја со Србија и добро живеевме во неа. На исток немаше такви врски , тоа беше забрането. Бугарската земја како постар брат треба да пристапи на ова на поинаков начин, наместо да и помага на Србија, продолжува експертот. „Тоа не е нормално: бугарската земја треба да биде како постариот брат, не можете да очекувате 10-годишник да биде повнимателен од 30-годишник“.
Албанците гарантираат дека нема да има неизмерени настапи на македонската влада кон Бугарија, смета тој, но признава дека за разлика од политичарите во Северна Македонија, кои беа „крајно внимателни“ во коментарите за Бугарија , „нашето општество не беше“. Не ги смета коментарите со говор на омраза на мрежите или запалените знамиња за израз на универзална омраза: има и политички провокации, но „ зар некои не го правеа тоа за да се пофалат дома? Но, додава тој, ние немавме политичар како вашите министри“.
Според него, Македонија никогаш не може да стане еден од главните играчи во регионот, а Бугарија може. Но Бугарија си пукаше во нога. Геополитика се прави таму каде што имаш влијание. Бугарија треба да размисли што и се случува – од ѕвезда што изгрева падна на второто место по Србија. „Треба да работат вашите служби, да се види кој му прави услуга на Вучиќ“, вели тој.
Она што Муслиу не го кажува, но не е тешко да се заклучи од неговите зборови е дека Бугарија повеќе не може да си дозволи да ја смета Северна Македонија само како држава на Македонците. Напротив: Албанците не се само неизбежен фактор што Софија мора да го земе предвид, ниту само најголемиот „дел од народот“ во соседната земја: во Скопје, поради моделот на владеење, секогаш има албанска партија на власт. (Дневник.бг)