Албанските социјалисти ја доставија листата на кандидати за градоначалници, меѓу нив и Македонец
Албанската владејачка Социјалистичка партија, која ја предводи изборната коалиција Алијанса за европска Албанија, до Централната изборна комисија ја достави официјалната листа на нејзини кандидати за градоначалници на 61 општина во земјата на претстојните локални избори.
Ваквиот потег е доказ дека лидерот на социјалистите и актуелен албански премиер Еди Рама не отстапува од ставот дека локалните избори „со или без опозицијата“ ќе се одржат на 30 јуни, и покрај барањето на опозициските партии за одлагање на изборите и заканата дека „по секоја цена ќе го попречат изборниот процес“.
Меѓу кандидатите на социјалистите и Македонецот Пали Колевски, кој ќе се трка за градоначалник на општина Пустец. Тој е родум од Пустец, но со семејството живее во Корча и е вработен во Царинската управа на Албанија, како цариник.
За втор мандат ќе се борат дури 23 актуелни градоначалници, меѓу нив и сегашниот прв човек на Тирана, Ерјон Велиај, како и петмина актуелни пратеници.
Рокот за пријавување кандидатски листи до ЦИК заврши синоќа на полноќ.
Рокот го запази и Македонската алијанса за европска интеграција, која на овие избори настапува самостојно, со Едмонд Темелко како кандидат за градоначалник на општина Пустец.