Албанските преговори „натоварени“ со грчки услови
Грција бара признавање на грчкото малцинство, грчки јазик во институциите во Албанија и гаранции за имотите со порака - тоа да го направат и другите земји од Западен Балкан (Македонија)
Пред втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија во вторник во Луксембург, од официјална Атина порачаа дека будно ќе го следат исполнувањето на критериумите од страна на Тирана и дека дел од нив се – признавање на правата на грчкото малцинство, вклучувањето на нивниот јазик во администрацијата, заштита на сопственоста и обезбедување дека и „другите кандидати“ ќе го следат тој список, што може да се однесува само на Македонија. Практично, само што почна преговори како дел од условите во првиот кластер Тирана си доби свои „“Бугари“…И што е поважно, исто како и за Македонија остварувањето на тие обврски ќе биде следено од Европската комисија, иако не е запишано експлицитно во преговарачката рамка.
Дипломатски извори од Грција денес нагласија дека „заедничкиот став на ЕУ е усогласен со грчките интереси, особено во однос на правата на сопственост и правата на етничкото грчко малцинство“. Тие забележуваат дека конкретните обврски за Тирана „ќе бидат систематски следени и оценувани од Европската комисија“.
Во текстот до кој дошле од „Катимерини“ се споменуваат плановите Албанија да ги заштити и промовира малцинските права според нејзините меѓународни обврски и европските стандарди. Внатре е нагласено барањето Тирана да ги усвои преостанатите извршни регулативи поврзани со самоопределување и други права, вклучително и користење на јазиците на малцинствата во административните тела и јавните власти до крајот на 2024 година, како што е наведено во патоказот за владеење на правото.
Понатаму, документот ги прикажува обврските на Албанија за дигитализирање на катастарските планови според патоказот за владеење на правото, а заради воспоставување ефективен и транспарентен систем за регистрација на имот, нудејќи јасни и сигурни имотни права до 2030 година. ЕУ ги повикува албанските власти да ги решат и проблемите со фалсификуваните документи, а акцент е ставен и на ревидирање на инвестициското законодавство, кое се смета за приоритет што треба да се реши до 2026 година.Од албанските власти се бара да обезбедат експропријациите од јавен интерес да бидат со правичен надоместок за легитимните сопственици.
„Првото поглавје од пристапните разговори со Албанија мора да ги вклучи и правата на малцинствата, вклучително и грчкото етничко малцинство“, а особено нивните имотни права, истакна министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис пред меѓувладината конференција во Луксембург. Герапетритис истакна дека „оваа позиција сега е заедничка, документирана заедничка позиција на 27-те земји-членки на Европската унија“.
„Грција внимателно ќе го следи овој процес и ќе интервенира таму каде што е потребно, со надеж дека и другите земји-членки од Западен Балкан ќе го следат овој курс“, додаде тој.
Тој смета дека денес се случила пресвртница во развојот на европскиот курс на земјите-членки од Западен Балкан.
„Овој курс започна пред 21 година, со Грција како пионер и лидер, со Солунската агенда. Грција задржа конструктивен став во процесот на пристапување на Албанија, и покрај кризата во евро-албанските односи во последните 18 месеци. Нашиот став е дека првиот сет на поглавја, кој се отвора денес и се однесува на основните права и владеењето на правото, треба да ги вклучи и правата на малцинствата, вклучително и на грчкото етничко малцинство, а особено нивните сопственички права. Оваа позиција е сега заеднички став, документирана заедничка позиција на 27-те земји-членки на Европската унија, која внимателно ќе го следи овој процес и ќе интервенира таму каде што е потребно дека другите земји-членки на Западен Балкан ќе го следат овој курс“, рече грчкиот шеф на дипломатијата.