Албанскиот Парламент со 123 пратеници
Со исцрпувањето на кандидатските листи на Демократската партија и на Социјалистичкото движење за интеграција, во сите изборни единици, бројот на пратеници во албанскиот законодавен дом достигна 123, јави дописничката на МИА од Тирана.
Со последнот пратеник кој денеска го прифати мандатот и достави формулар за декриминализација јасно е дека во собраниската сала ќе останат празни 17 пратенички места, од вкупно 140 колку што брои.
Опозициските пратеници во средината на февруари се откажаа од пратеничките мандати, со барање заминување на премиерот Еди Рама, кого го обвинуваат за кражба на гласови на парламентарните избори во јуни 2017 година, формирање преодна влада која ќе спроведе слободни и фер избори и ќе го одблокира процесот за европска интеграција на Албанија.
Нивните 58 испразнети места, Централната изборна комисија (ЦИК) почна да ги пополнува со кандидатите кои беа подолу на кандидатските листи.
Поранешниот претседател на ЦИК, Кристаќ Куме вели дека 17-те празни места во Собранието не може да се пополнат, но нагласува дека Собранието може да работи нормално.
– Собранието на Република Албанија може да продолжи со својата работа, има целосен правен капацитет да донесува одлуки и да спроведува реформи бидејќи има повеќе од 84 пратеници. Исто така има капацитет и за спроведување уставни реформи, бидејќи има повеќе од 93 пратеници, оценува Куме.
Тој смета дека решение за политичката криза не лежи во распуштањето на Парламентот и спроведување предвремени избори, туку во дијалогот меѓу страните.